На тема – регулација на онлајн медиуми, во „360 степени“ дебатираа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, и извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски

Нацрт-измените на Законот за медиуми со кои интернет-порталите треба да бидат препознаени како медиуми е во последна фаза на усогласување со генералниот секретаријат на Владата и најверојатно утре ќе се најдат на владина седница. За ова информира минстерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Андоновски потсети дека нацртот бил објавен на системот ЕНЕР, дека имало различни коментари и дека актуелната верзија е некаква средна вредност што произлегла од нив.
„Овој закон како идеја потекна од два аспекти. Едниот е патоказот за владеење на правото и поглавјето 23 кое утврдува дека мора да имаме поголема јасност и транспарентност во уредувањето на медиумите и препознавање заради гарантирање на конкурентност и гарантирање на квалитетот и професионализмот на медиумите, признавање и препознавање на онлајн медиумите. Вториот аспект е дека во разговори со Здружението на онлајн медиуми и останатите онлајн медиуми, тие истакнаа подготвеност да предложат и иницираат ваков тип измени што ќе значат нивно препознавање како медиум, работа што ја вршат долги години, а никогаш не беше препознаен нивниот ангажман како медиум“,
рече министерот Андоновски.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, рече дека Агенцијата двапати дала забелешки кои се внесени во нацрт-измените.

„Работната верзија на законот ќе треба да оди во владина и собраниска процедура. Сега зборуваме за суштинските забелешки што ги дадовме. Сите се прифатени и претпоставувам дека во таа форма и ќе биде усвоен законот во парламентот“,
рече Трајчевски.
Според извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, овие нацрт-измени во голема мера ги исполнуваат нивните очекувања. И ЗНМ имале забелешки за идниот закон да биде посеопфатен.

„Верувам дека со овој закон ќе се исполни просторот што остана неискористен во изминатите години. Инаку, кога станува збор за онлајн медиумите, тие секако дека се препознаени од страна на државата, од страна на правосудството. Ако не беа препознаени, немаше да бидат корисници на јавни средства за политичко рекламирање. Исто така, не само во судовите во Македонија, туку и во Европскиот суд за човекови права има конкретни пресуди во полза на новинари што работеле во онлајн медиуми во изминатите години“,
рече Секуловски.
Тој вели дека иако Изборниот законик и Законот за јавни набавки ги препознаваат онлајн медиумите, кога некому не му одговара, се повикува на фактот дека не се предвидени во Законот за медиуми.
„Како и да е, тоа беа некои тези што во минатото беа карактеристични, а со овие амандмани би рекол дека духот на законот што сега е во финална фаза е добар, а секако дека има одредени работи што ние како здружение сме насочени кон тоа да укажеме како да се подобри“,
додаде Секуловски.