Како што наведе владината портпаролка на денешната прес-конференција, главнината, односно 300 милиони денари за прославата биле обезбедени од нераспределената добивка на Лотарија предвидена за 2024 година, а не средства од државниот буџет
„Ова спонзорство е дадено, односно овие средства се обезбедени по основ на Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Се работи за средства од 300 милиони денари коишто беа на ставката на нераспределена добивка и беа пари на самата компанија, која е посебен правен ентитет со посебен правен субјективитет, издвоен од субјективитетот на Владата или на било кои други институции. Тоа што Владата се јавува како основач на компанијата, тоа е во нејзиниот статус на акционер. Значи тие пари не се буџетски пари“, изјави директорот на АД Државна лотарија, Александар Климовски
Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на почетокот на прес-конференцијата, што се одржа во Клубот на пратеници, им се извини на редакцијата на „Слободен печат“ и на новинарката Мирослава Симоновска за наводите од претходниот прес во понеделникот дека нејзиното прашање колку чинела прославата е провокација
Целокупната прослава на Денот на независноста, која опфати поголем број настани кои траеја речиси еден месец, а кулминираа со настапот на францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на Националната арена „Тодор Проески“, чинела 340 милиони денари, или околу 5,5 милиони евра.

Ова денеска на прес-конференција го потврди портпаролката на Владата, Марија Митева, споделувајќи детали за начинот на кој била направена финансиската конструкција и од каде се парите.
Но, пред да влезе во поопширното објаснување, таа се осврна на наводите и пишувањата во јавноста на оваа тема, односно за тоа колку прославата ги чинела граѓаните. Нив ги оцени како шпекулации и обид целата прослава да се претстави како нешто нетранспарентно и спорно уште пред воопшто да се реализира.
Во тој контекст, таа ја искритикува опозицијата дека се обидела да фрли политичка дамка врз прославата, потврдувајќи со тоа, како што рече портпаролката, да покаже дека е подготвена да шири невистини и на овие свети датуми.
„Дополнително, разбирам и зошто јавноста поставува прашања, особено ако се има предвид дека во минатото сме имале сериозен недостаток на транспарентност во вакви постапки. Тоа е и причината зошто денеска сметам дека е најдобар одговор не само да имаме политички објаснувања, туку целосно да ги презентираме фактите и документацијата“,
рече таа на прес-конференцијата на која присуствуваа и сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, и директорот на Акционерското друштво Државна лотарија, Александар Климовски.
300 милиони денари нераспределена добивка на Лотарија
А како што наведе Митева, главнината, односно 300 милиони денари за прославата биле обезбедени од нераспределената добивка на Лотарија предвидена за 2024 година, а не средства од државниот буџет.
„За сите оние кои во изминатиот период шпекулираа, негодуваа, клеветеа и пласираа информации дека граѓаните ќе ја платат оваа прослава од Буџетот, денеска можеме јасно да кажеме дека тоа не е точно. За реализацијата на овие настани не се потрошени буџетски средства од Буџетот. Трошокот од Буџетот за овие настани не ги чини граѓаните. Ова не е информација која треба да ја прифатите само затоа што доаѓа од нас, од Владата, туку е лесно проверлива“,
рече Митева.
Владината портпаролка наведе и како одела целата постапка. Дел од она што таа го сподели е веќе познато во јавноста од пишувањата на медиумите, но сега и официјално беше соопштено од официјален претставник на извршната власт.
Имено, Митева кажа дека на 28 април годинава, Владата на 167. седница донела заклучок со кој се утврдиле конкретните активности кои треба да се реализираат во рамки на прославата по повод 35 години независност. Согласно тие заклучоци, било предвидено ангажирање на А-класа светски артист со А-класа продукција за настан на отворено, кој со своето име и квалитет гарантира посета од минимум 30 000 посетители. Потоа организирање на настан со интернационална светска ѕвезда од А-класа во придружба на македонски артисти, како и организирање на минимум 12 настани на територијата на Македонија во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“.
„Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година, во висина од 300 милиони денари, за спонзорирање на настаните, како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани. Дополнително, беше предвидено формирање на комисија од надворешни стручни лица која ќе ја спроведе постапката за избор на реализатор“,
рече Митева.
Тука таа направи споредба, која ја оцени како важна, споменувајќи ги ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, обвинети во случајот „Лотарија“ за злоупотреба на 8,2 милиони евра на компанијата, сума која сега е ревидирана од Обвинителството на 9,7 милиони евра.
„Тоа се средства коишто не завршија кај граѓаните, а ова се средства со коишто ја донесовме прославата пред граѓаните“,
наведе Митева.

Како течела постапката за избор на организатор
Враќајќи се на заклучоците на Владата во врска со прославата, таа кажа дека врз основа на нив, Државна лотарија донела одлука за формирање комисија за спроведување постапка по јавен повик. Повикот е објавен на 4 мај со број 01-35Ц/2026, и во него се утврдени условите кои понудувачот треба да ги исполнува, вклучително и условот да има реализирано најмалку еден настан со значителен капацитет на посетеност, да располагаат или да имаат обезбеден пристап до професионални продукциски, технички, сценски и логистички капацитети, како и да имаат искуство во организација на јавни настани, концерти, фестивали и други слични настани.
На јавниот повик е доставена една понуда, од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно субјектот преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон интернешнл букинг“.
„Ова го отворам како податок затоа што и околу ова се поставија прашања и имаше обиди да се направи забуна во јавноста. ‘Авалон интернешнл букинг’ е трговска марка под која е препознатлива дејноста, додека ‘Стардаст’ ДООЕЛ Скопје е правниот субјект кој е носител на таа дејност и на кој е пренесен трговскиот знак. Значи, не станува збор за две независни компании кои се појавуваат како различни понудувачи, туку за правниот субјект кој ја носи понудата и брендот под кој јавноста ја препознава работата на оваа дејност“,
наведе Митева.
Изборот, рече таа, не се вршел само врз основа на тоа кој понудувач е присутен на пазарот, туку врз основа на квалитетот, издржаноста и иновативноста на предложениот концепт и програмата, како и исполнувањето на условите утврдени со јавниот повик. По завршувањето на постапката бил потпишан договор меѓу Државна лотарија и избраниот реализатор.
Останатите 40 милиони денари од вкупната финансиска конструкција за прославата, како што појасни Митева, како дополнителни средства се обезбедени од општествено одговорни компании кои се приклучиле кон реализацијата на настаните.
„Тоа не се средства од државниот Буџет, туку средства од компании кои во изминатиот период јавно беа присутни во рамки на одбележувањето на прославата и јавно го објавуваа своето учество и својата поддршка. И овој дел од финансиската конструкција не е нешто што денеска го откриваме или нешто што било скриено од јавноста, туку станува збор за поддршка која граѓаните имаа можност да ја видат и да ја следат во текот на целиот период“,
кажа владината портпаролка.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, пред да се осврне на тоа како дошло комапнијата со која раководи да се јави како давател на, како што го нарече, поголемото спонзорство од 300 милиони евра, што во дел се поклопуваше со излагањето на Митева, акцентот го стави на структурата на Државна лотарија како компанија.
Лотарија е посебен правен субјект и овие пари се нејзини, а не буџетски
Тој потенцира дека Државна лотарија како компанија е посебен правен субјект и парите кои биле дадени за прославата, како нераспределени средстав од добивка се нејзини пари, а не буџетски.
„Владата е основач на Државна лотарија и Владата се јавува во својство на Собрание на акционери или единствен акцинер во конкретниот случај и еден од врховните органи во самата компанија. Компанијата има двостепен систем на управување – Надзорен и Управен одбор. Владата како Влада генералниот закон по којшто работи е Законот за Влада, меѓутоа кога се јавува во својство на основач на Акционесрско друштво Владата стапува на позицијата на акционер и е по Законот за трговски друштва. Ова спонзорство е дадено, односно овие средства се обезбедени по основ на Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Се работи за средства од 300 милиони денари коишто беа на ставката на нераспределена добивка и беа пари на самата компанија, која е посебен правен ентитет со посебен правен субјективитет, издвоен од субјективитетот на Владата или на било кои други институции. Тоа што Владата се јавува како основач на компанијата тоа е во нејзиниот статус на акционер. Значи тие пари не се буџетски пари“,
кажа Климовски.

Тој објасни и како овие пари стануваат буџетски пари, а за тоа, како што рече, треба да се помине одредена процедура.
„Буџетски пари стануваат во оној момент кога органите на друштвото, таа нераспределена добивка ќе ја утврдат во финансиските извештаи како дивиденда и ќе дадат налог да се уплати во трезорската сметка. Во оној момент кога средствата се уплаќаат на трезорската сметка од добивката на компанијата со сите процедури поминати во компанијата, тогаш добиваат статус на средства во буџетот. Сè додека средствата лежат на сметката на компанијата, тие се корпоративни пари“,
рече Климовски.
Ова тој го повтори и во одговорот на новинарско прашање зошто се инсистира да се покаже дека парите не биле од буџетот кога станува збор за државна прослава.
„Прашањето е правно, не лаичко, новинарско. За да станат буџетски пари, треба да поминат одредена процедура“,
кажа тој во одговорот.
На прашањето, од политички агол, одговори и портпаролката Митева, која рече дека не станува збор за инсистирање дека парите не се од буџетот, туку за факти, вистина и работа, согласно закон и процедури.
„За да дојдеме до момент да инсистираме или да не инсистираме е можеби теза која има за цел да престави дека Владата сака да инсистира дека не се државни пари. Се согласувам, 35 години независност на државата и доколку се одлучела некоја влада и некој што раководи со владата и да оддели финансиски средства од буџетот, можеби за мене лично немало да претставува проблем, но во овој случај тоа не е состојба. Овие средства се распределени од нераспределена добивка од 2024 година, којашто за среќа не завршила во некои слотови како што се потрошија 8,2 милиони евра или каде што граѓаните немаа никаков ефект од средствата. Овие средства се потрошија и се виде ефектот“,
кажа Митева.
Милошески ѝ се извини на новинарката на „Слободен печат“ – одговорив во афект, од умор и стрес
Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на почетокот на прес-конференцијата, што се одржа во Клубот на пратеници, им се извини на редакцијата на „Слободен печат“ и на новинарката Мирослава Симоновска за наводите од претходниот прес во понеделникот дека нејзиното прашање колку чинела прославата е провокација.

Дали ти изгледам јас како идиот? Така сопственикот на „Авалон продукција“ ѝ се обрати на новинарката Симоновска, откако таа во понеделникот го праша зошто досега не е објавено во јавноста колку ќе чини настапот на Дејвид Гета.
„Еве, јас сакам да ја злоупотребам прво оваа прес-конференција, мислам дека Мирослава Симоновска е тука, сакам да ја искористам оваа прилика да упатам јавно извинување за претходниот прес, за прво, неџентлменски искажаната прва реченица без персирање, и второ, афектно искажаната прва реченица без многу памет, да речеме. Сега, не знам на колку од вас ви се случило во афект да изговорат нешто во афект, од умор и од стрес, и да им биде паметот побрз од мозокот, мене конкретно тоа ми се случи на таа прес-конференција, бев седнат помеѓу двајца полицајци, што верувајте ми, не е едноставно, не знам вие дали сте биле седнати до двајца полицајци, не е едноставно, контекстот на пресот беше сосема друг, не го очекував тоа прашање, без размислување одговорив во афект, пак ќе кажам од умор и од стрес“,
рече Милошески.
