Законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат тие да важат ретроградно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, односно да ги усогласат со одредбите на Законот, а доколку не го сторат тоа ќе бидат избришани од Централниот регистар
БГНЕС се осврнува и на изјавата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ каде што вели „за иницијативата на опозицијата за промена на законот заслужува да се разговара“
Дел од набиената агенда на денешната 88. пленарна седница на Собранието, покрај изборот на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, една од вкупно 29. точки, на дневен ред се и предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ како реакција на нижењето бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности – соработници на фашистичката оска во Втората светска војна.

Предлог-измените на ВМРО-ДПМНЕ, како што може да се види од листата на материјали, се 20. точка на дневен ред на денешната седница и се по скратена постапка.
Овластен предлагач на законот е пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која и прва ги најави измените на 6 октомври, еден ден пред отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, што беше и иницијална каписла за забрзување на иницијативите и постапките за промена на законот за здруженија и фондации.
Најавените измени со интерес се следат и во Бугарија, каде што медиумите и агенции пренесуваат изјави, претежно од високи претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, според материјалот доставен до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ во измените на Законот предлага измена на ставот 2 од членот 4 на актуелниот Закон и тој да гласи:
„Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“.
Потоа, во членот 8 се додава нов став 4 кој гласи: „Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.“
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага два нови члена – член 9-а, кој се однесува на употребата на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност и според кој согласност за тоа треба да даде министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности.
Структурата и надлежностите на Комисијата за употреба на имињата се регулирани со членот 9-б.
Во него стои дека Комисијата за употреба на имиња ја формира министерот за правда, Комисијата е составена од 5 членови и од кои еден член доаѓа од Министерството за правда од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за правда, еден член од Министерството за култура од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за култура, еден член од Институтот за национална историја, два члена од Македонска Академија на Науките и Уметностите (МАНУ), претседател избираат членови со мнозинство гласови. Потоа во истиоt член се наведува дека Комисијата дава мислење за употреба на име, скратено име/и или назив на организација, за својата работа носи деловник, просторните и технички услови ги обезбедува Министерство за правда, видот, висина и критериумите за надоместокот за Комисијата го пропишува министерот за правда.
Законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат тие да важат ретроградно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, односно да ги усогласат со одредбите на Законот, а доколку не го сторат тоа ќе бидат избришани од Централниот регистар.
„Организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар на РСМ. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите,во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон“,
стои во преодните и завршни одредби од предлог-измените на Законот за здруженија и фондации поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Бугарската новинска агенција БГНЕС утрово во веста со наслов „ВМРО-ДПМНЕ прелага закон за забрана на бугарските здруженија во РСМ“, ги пренесува изјавите на пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дадени во македонските медиуми.
„Овие здруженија не се финансирани од членовите на здруженијата, ниту од бугарското Министерство за надворешни работи, туку од фондација, каде што главен финансиер е бугарски олигарх кој е присутен во медицинскиот бизнис. Ова е главното прашање за Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност и финансиско разузнавање. Што прават овие три институции“,
ја цитира БГНЕС изјавата на Николоски за „Сител“.
Агенцијата потсетува и на вчерашното прогласување на Кирил Пејчиновиќ Лешочки за светител од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) што проф. д-р Пламен Павлов го оцени како кршење на Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу С Македонија и Бугарија.
БГНЕС се осврнува и на изјавата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како гостин во Канал 5, каде што вели „за иницијативата на опозицијата за промена на законот заслужува да се разговара“.
„Имаме информации дека пратениците од владејачкото мнозинство се подготвени да ја поддржат оваа работа“,
ја цитира БГНЕС изјавата на Маричиќ.
Отворањето на клубот „Цар Борис Трети“, освен што ги зовре страстите кај граѓаните во земјава, воедно им даде дополнителен елан и на власта и на опозицијата да ги забрзаат постапките за измени на Законот за здруженија и фондации.
Опозициската партија предлог-измените на Законот ги поднесе на 7 октомври, дента кога се отвори клубот „Цар Борис Трети“.
Истиот ден, Министерството за правда соопшти дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Според Министерството, законот треба да биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
Сепак, сега ќе треба да се види каков став ќе заземе владејачкото мнозинство во Собранието кон предлог-измените на ВМРО-ДПМНЕ и дали тоа ќе има некакво влијание на подготовката на законот инициран од Министерството за правда.
Отворањето на здруженија и клубови со имиња на соработници на фашистичкиот режим во Втората светска војна ги осудија и претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.
Во меѓувреме, додека да биде подготвен и донесен законот, за да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение.
Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање.
Конститутивната седница на советодавното тело се одржа во Владата.