Присутните на денешниот состанок на Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал се согласиле дека треба да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на лисата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство
Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал денеска одржало состанок на кој се разгледувале можностите за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.

„Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство“,
се наведува во соопштението од Владата.
Присутните на состанокот, како што се наведува, се согласиле дека треба да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на лисата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство.
Од Владата посочуваат дека поддршката на САД како докажан сојузник на Република Северна Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот.
„Координативното тело заклучи дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутираа на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници“,
се наведува во соопштението.
Инаку, на денешниот состанок, со која претседавала вицепремиерката Грковска, учествувале вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии – Бујар Османи, Славјанка Петровска и Фатмир Бесими, потоа директорите на Агенцијата за национална безбедност, агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и за правда.

Грковска законските измени ги најави на 23 ноември во интервју за ТВ Сител, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во таа пригода рече дека со законските измени лицата кои се на листите на санкции на САД, Европската Унија и Обединетите нации би им се оневозможило да бидат носители на функции во земјава.
„Паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, кабинетот за политики за добро владеење подготви предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основа за законски рестриктивни мерки“,
изјави тогаш вицепремиерката за добро владеење.
Изминатите денови темата со „црната листа“ повторно се најде во фокусот, откако на неа беше додадено и името на бизнисменот, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
Во врска со неговото ставање на листата на санкции американската амбасадорка Анџела Агелер пред два дена на брифинг со неколкумина новинари посочи дека ставањето на поранешниот вицепремиер на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. Таа не откри детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.
Со конкретните санкции на Анѓушев и неговото семејство им е забрането да патуваат во САД, но не и на неговите бизниси да продолжат да функционираат во Америка. Агелер вели дека засега таа не знае дали има и можност Анѓушев да биде опфатен со санкции од некоја друга американска институција, како на пример, од Министерството за финансии. Но, не пропушти да потсети дека имало случаи кога едно лице било санкционирано од две различни американски институции.
Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
На „црната листа“ од претходно се наоѓаат имињата на актуелниот градоначалник на Струга од редовите на ДУИ Рамиз Мерко, поранешниот премиер Никола Груевски и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.