Оваа година, првпат во Грција, се соопштуваат податоци за излезеноста додека е во тек гласањето на граѓаните
Во 80 отсто од гласачките места во цела Грција, до 13:30 часот, излезеноста на парламентарните избори е 31,52 отсто, согласно официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Грција надлежно за изборниот процес, јавува дописникот на МИА од Атина.
Генералниот секретар во Министерството, Михалис Ставрианудакис, соопштувајќи ги податоците, рече дека одѕивот е од 16 520 гласачки места, односно 80 отсто од вкупниот број.
Оваа година, првпат во Грција, се соопштуваат податоци за излезеноста додека е во тек гласањето на граѓаните.
Следните податоци ќе бидат соопштени околу 17 часот.
Првите официјални резултати од денешните избори, Министерството за внатрешни работи се очекува да ги објави околу 21 часот по локално време.
Два часа претходно, штом се затворат гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н. излезни анкети, кои мошне често го најавуваат победникот.
Нова демократија на чело со премиерот Киријакос Мицотакис, според анкетите, ќе добие меѓу 31 и 38 отсто од гласовите, а на второ место е левичарската опозициска партија Сириза, која би требало да има 4-7 процентни поени помалку. Агенциите за испитување на јавното мислење велат дека на партиите им требаат повеќе од 45 отсто од гласовите за целосно да победат.
Кризата за трошоците на животот беше централна тема на изборната кампања, а партиите се обидоа да ги придобијат гласачите со ветувања дека ќе ја зголемат минималната плата и ќе отворат нови работни места. Растот на цените имаше интензивно влијание врз Грците, чиј животен стандард беше значително нарушен за време на десетгодишната должничка криза.
Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS