Од опозициската партија обвинуваат дека ова е истата практика која се спроведуваше за време на владеењето на Никола Груевски и оти масовната партизација на администрацијата е јасно договорена со премиерот Мицкоски пред изборите кои треба да се одржат есенва
Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузевска, на прес-конференција од партиското седиште обвини дека изјавата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити дека Владата ќе вработи од 2 000 до 3 000 негови партиски кадри во државната администрација е скандал без преседан.
Кузеска вели дека масовната партизација која се најавува од Меџити е јасно договорена со премиерот Мицкоски и тоа пред локалните избори кои треба да се одржат есенва, и прашува дали веќе постојат списоци за вработувања кои се наоѓаат на масата на премиерот.
„Откако Таравари изјави дека прво требало да се решат етничките прашања, па потоа да се зборува за економијата, сега Меџити има нова стратегија – прво да се вдомат партиските кадри, а потоа ќе зборуваме за вработување на квалитетните и способните. Мицкоски во целата оваа ситуација молчи, како и секогаш кога е во криза“,
вели Кузеска.
Од СДСМ велат дека ова е најголемата отворена најава за партизација на институциите и оти станува збор за како што велат класичен партиски клиентелизам, односно вработување на партиски кадри, луѓе кои се блиски до партиите на власт без притоа да се земат во предвид квалитетот на луѓето и јасните критериуми за вработување.
„Ова е истата практика што ја гледавме за време на режимот на Груевски – полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе остануваат без шанса. ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција жестоко зборуваше против партиските вработувања, сега молчи. Тие некогаш обвинуваа дека администрацијата е презаситена и дека треба да се прават реформи, но денес немаат проблем да ја наполнат со свои кадри. Нови четири министерства, по три заменици министри, и сега – нови 3 000 луѓе во администрацијата“,
кажа Кузеска.
СДСМ побара од ДКСК итно постапување по изјавата, итно стопирање на сите моментални вработувања во администрацијата и целосна истрага за овој скандал од надлежните институции.
Вицепремиерот Меџити пред два дена изјавил дека за дека за една година ќе вработат илјадници Албанци во државната и јавна администрација, и оти ќе реализира повеќе вработувања на Албанци во државна и јавна администрација отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти.
По оваа изјава, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој доаѓа од редовите на ЗНАМ му порача на Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата ветувајќи нешто што ниту е реално ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.
На репликата на Мичев, реагираше самиот Меџити кој порача дека Минчев треба да се откаже од реториката на Димитар Апасиев и да не се однесува како негова копија и оти оти адекватната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не.