„Ние како ВМРО-ДПМНЕ не сме против изградба на автопатите што се дел од коридорот 10 – д и дел од коридорот 8, коишто се всушност и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече опозицискиот лидер, велејќи дека партијата е против криминалот кој го прави оваа Влада
ВМРО-ДПМНЕ не е против ниту еден проект којшто опфаќа одредена целна група, етничка група или географска положба во Македонија, ниту, пак, не е против изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д зашто нивната изградба е предвидена и во нашата програма, вели лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски.
„Но за што сме против? Против сме, да знаете дека не можете работаната недела, бидејќи постои одлука на Уставниот суд, да ја продолжите од 40 на 60 работни часа, а да потпишете договор којшто ќе опфати пенали во вредност повеќе од 200 милиони евра. За тоа сме против и за тоа ќе има одговорност“,
рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е против и во услови на арбитража и спор со фирмата изведувач, да се суспендира македонското законодавство, а да важи законодавството на Англија и Велс, коешто, како што вели Мицкоски, по својата природа е различно од македонското.
„Против сме и кога ќе се трошат буџетски пари, пари од граѓаните, да се суспендира Законот за јавни набавки, како што тоа го бара бладаат на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ. Против сме и овој проект да почне без да биде издадено одобрение за градба – нешто што го бара Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“,
вели Мицкоски.
Конечно, рече Мицкоски, „сме против криминалот што е присутен во овој проект“.
„Ако навистина се грижат за македонското стопанство и за граѓаните, истите овие услови коишто ги потпишале, да им ги дадат на македонските компании, без разлика дали сопственик на компанијата е Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Бошњак, Србин. Нека ги соберат компаниите во Македонија и нека кажат – еве го проектот сработете го вие. Не да ми кажуваат дека 30, 40, 50 отсто ќе бидат македонски работници, нека биде 100 проценти ако навистина се грижат за македонското стопанство и за македонските граѓани“,
додаде опозицискиот лидер.
Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ не е против реализација на проекти, но додаде дека партијата ќе продолжи да се бори за македонските компании и, како што рече, идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се за на домашните компании да им се овозможат подобри услови за работа.