Поради системска слабост во Законот за градење, откриени се случаи каде што општини одобрувале изградба на фотоволтаици наместо тоа да го стори надлежното Министерство и Владата

Во периодот од 2022 до мај 2025 година воспоставениот систем за издавање дозволи за изградба на фотоволтаични електрани не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање, координирано институционално постапување и ефикасно спроведување на постапките. Ова е наведено во ревизорскиот извештај на тема „Ефикасноста на институциите во процесот на издавање дозволи за обновливи извори на енергија (ОИЕ)“.
Иако по донесување на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година бил забележан напредок во планирањето на изградбата на нови капацитети за производство на електрична енергија, ревизорите констатирале дека е неопходно навремено донесување на подзаконските акти, како и вршење соодветен надзор и мониторинг во начинот на имплементација на законските одредби.
Во извештајот е наведено дека до мај 2025 година сите нови соларни централи се граделе без Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, иако тој претставувал основа за планирање на новите производни капацитети и за утврдување на можностите за нивно приклучување кон електроенергетскиот систем.
Поради системска слабост во Законот за градење, откриени се случаи каде општини одобрувале изградба на фотоволтаици наместо тоа да го сторат надлежното Министерство и Владата.
„До ноември 2024 година не била јасно дефинирана надлежноста за постапување на институциите во процесот на издавање на одобренија за градење поради системска слабост во Законот за градење, во кој градбите за фото напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште биле издвоени како градби од втора категорија без притоа да се дефинира моќноста на електроцентралата што е услов за категоризација на градбите“,
се вели во извештајот.
Меѓу нив биле и одобренија за централи со моќност од 19 мегавати и 174 мегавати, кои биле издадени во јануари 2024, и едно со моќност од 337 мегавати во декември 2023 година.
Иако Годишниот план за изградба за 2026 година навремено бил донесен, дури 74 општини не изработиле општински енергетски планови бидејќи од надлежното министерство ненавремено бил донесен подзаконскиот акт за методологијата за начинот на исполнување на критериумите под кои се добива овластување за изградба на електроенергетски објекти. Дополнително, не била формирана ниту Комисија за доделување овластувања за објекти со моќност еднаква или поголема од 1 мегават.
Откриени биле и неусогласени податоци за моќноста во документи од различни институции, издавани биле две одобренија за градење врз основа на еден Извод од урбанистички проект, а имало и дискриминација меѓу инвеститорите во роковите и плаќањето на давачките за градежно земјиште.
Најголем интерес за изгадба на фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ), ревизијата констатирала дека имало во периодот по настанувањето на енергетската криза во 2021 и 2022 година. Тогаш институциите на централно и на локално ниво се соочиле со недостаток од обучен кадар од областа што го уредува начинот на изградба на енергетските објекти, постапката за издавање одобренија за градба на ФЕЦ, вклучувајќи го и надзорот.

Во извештаот од ДЗР е наведено дека инспекцискиот надзор над инсталираната техничка опрема во централите е незначителен, а кај општините речиси и да нема контрола дали инвеститорите ги исполнуваат обврските. Регистарот на електроцентрали е нецелосен, а отпадот од фотоволтаиците и батериските складишта сè уште нема соодветна категоризација, што претставува иден еколошки ризик.
Од ДЗР велат дека дале препораки со чија реализација се очекува надминување на причините за утврдените состојби.
