Од компанијата потврдуваат дека денеска линиите сообраќаат без никакви пречки и одложувања

Сообраќајот на „Градскиот воз“ се одвива редовно и според утврдениот возен ред, откако вчера краткотрајно беше прекинат поради силното невреме што го зафати главниот град.
Од „Македонски железници – транспорт“ велат дека вчерашниот прекин на градскиот воз бил од превентивни и безбедносни причини.
„Поради силното невреме што ги зафати Скопје и Скопскиот Регион, привремено беше прекинат железничкиот сообраќај поради безбедносни причини. Веднаш потоа сообраќајот беше ставен во функција, а ’Градскиот воз’ продолжи да сообраќа во рамките на предвидениот возен ред“,
се вели во денешното соопштение од „Македонски железници – транспорт“.
Од компанијата потврдуваат дека денеска линиите сообраќаат без никакви пречки и одложувања.
Денешното соопштение од „Македонски железници – транспорт“ доаѓа откако вчера дел од медиумите објавија дека возот што синоќа тргнал од Зелениково во 20:12 часот застанал пред станицата во Лисиче поради прекин во напојувањето со електрична енергија.
Според патниците, тие немале можност да се симнат бидејќи возот бил застанат на непристапен терен, далеку од железничките станици. Тие велат дека наместо планираните 25 минути кон Скопје, патувањето траело 40 минути.
Инаку, од 1 септември почна да сообраќа „Градскиот воз“ на првата од трите планирани линии, и тоа од Зелениково до Железничката станица во центарот на Скопје. Цената на билетот на градскиот воз изнесува 40 денари во еден правец или 70 денари повратна карта.
