Новата влада, на чело со Милош Вучевиќ, како што е предложена, ќе има 25 министерства и пет министри без ресор
Со 152 гласа „за“, 61 „против“ и ниту еден воздржан, пратениците во српското Собрание денеска на јавно гласање ја избраа новата Влада на Србија.
Претходно со мнозинство гласови беше одлучено за програмата на Владата да се гласа јавно, со повикување на пратениците.
По изгласувањето, премиерот и членовите на новата влада ја положија заклетвата во која се вели дека ќе бидат лојални кон Република Србија, ќе ги почитуваат Уставот и законот, ќе ја извршуваат должност како член на Владата совесно, одговорно и посветено и оти ќе се заложат за зачувување на Косово во рамките на Република Србија.
Новата влада, на чело со Милош Вучевиќ, како што е предложена, ќе има 25 министерства и пет министри без ресор.
Според предлогот на Вучевиќ, Владата ќе има четворица потпретседатели.
Претставникот на составот на Влада на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, за време на излагањето во српскиот парламент изјави дека членството во Европската унија (ЕУ) останува стратешка цел.
„Полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел на Србија. Но, не може да се игнорира фактот дека процесот е оптоварен со новововедените политички критериуми“,
рече Вучевиќ.
Тој наведе дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци, но и дека приоритет на Владата ќе биде подигнување и зачувување на животниот стандард на српските граѓани.
Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон земјата.
Мандатарот на новата српската влада и лидер на СНС. Милош Вучевиќ, по седницата на Претседателството на партијата ги соопшти кадровските решенија на новата влада на Србија. Како што пренесуваат српските медиуми, Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ повторно ќе биде министер за внатрешни работи, додека Братислав Гашиќ од МВР се сели во Министерството за одбрана. Александар Вулин се враќа во владата како вицепремиер, а нов министер за надворешни работи ќе биде досегашниот српски амбасадор во САД, Марко Ѓуриќ.
Вучевиќ кажа и дека поранешната министерка за култура Маја Гојковиќ ќе биде кандидат за нов претседател на владата на Војводина за што добила едногласна поддршка.
Владата е формирана четири и пол месеци по вонредните парламентарни избори, на кои СНС освоија над половина мнозинство во републичкото собрание.