Нека ова биде добар почеток на нашето политичко патување, порача поранешниот висок функционер на ДУИ
Поранешниот висок функционер на ДУИ, Изет Меџити, ги собра потребните 1 000 потписи за регистрација на партијата.
Новата политичка партија, како што соопштија од тимот на Меџити пред неколку дена, ќе се вика Демократско движење, од кое денеска преку соопштение се пофалија дека потписите ги собрале во рекордно време.
„Стотици истомисленици на Изет Меџити денеска се собраа во нотарски канцеларии да го дадат својот потпис за формирање на Движењето кое ветува позитивни промени за Албанците во Република Северна Македонија. Организацискиот совет при Демократското движење предвиде потписите да се собираат во текот на целиот ден, но се завршило за неполни три часа, при што беше објавено дека собирањето потписи е успешно затворено“,
пишува во соопштението.
Веста на Фејсбук ја објави и Изет Меџити со фотографија како и тој го става својот потпис за регистрација на партијата.
„Ви благодарам за вашата сериозност и посветеност! Бројот од 1 000 потписи е комплетиран за еден час, а голем број поддржувачи продолжуваат да се потпишуваат низ цела држава. Нека ова биде добар почеток на нашето политичко патување. Нека е со среќа“,
напиша Меџити.
Неговото Демократско движење официјална промоција ќе има на 13 август, на денот кога во 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор.