Од иницијативата „Шанса за Центар“ велат дека издавањето на дозволата за втората зграда на парцелите спроти познатиот хотел во центарот на Скопје е незаконска бидејќи ДУП за тој дел е незаконски со оглед дека ги прекршува сите параметри на Генералниот урбанистички план. Од Општина Центар пак, велат дека мора да постапуваат според тој ДУП бидејќи ниту еден суд не го прогласил за незаконски
Денеска во мапата за издадени градежни дозволи во Општина Центар ќе ставиме уште една голема точка. За нова зграда спроти „Холидеј ин“.
Со ваква реакција утрово се јавија од иницијативата „Шанса за Центар“, која во општинскиот совет е застапена и со свои советници, а по повод издавањето на дозволата за втората висококатница на спорните парцели спроти познатиот хотел во строгиот центар на Скопје.
Издавањето на оваа дозвола, според „Шанса за Центар“, е незаконско бидејќи Деталниот урбанистички план (ДУП) за овој дел излегува од параметрите на Генералниот урбанистички план, што е незаконски и тврдат дека тој план не може да се спроведува.
„И повторно ќе речат ’сè е по закон‘ или ’моравме бидејќи беше доставено барање за градба‘ иако целиот урбанистички план по кој се издаваат дозволите и по кој веќе се гради е очигледно незаконски. Планот во сите параметри го прекршува ГУП на Скопје, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е незаконски и таков план не смее да се спроведува. Но, градоначалникот и Општината остануваат глуви на овие факти“,
велат од Шанса за Центар.
Ваквото незаконско постапување, реагираат понатаму, го поддржуваат и други институции како Јавното обвинителство кое повеќе од една и пол година не одговара на поднесената иницијатива од страна на Антикорупциската комисија која смета дека има низа на законски прекршувања во начинот и постапката со која е донесен ДУП по кој се гради и се издаваат дозволи за овој простор.
Од „Шанса за Центар“ потсетуваат дека имаше и петиција уредувањето на овој простор да се осмисли квалитетно и на истата се потпишаа над 10 илјади граѓани.
По ваквата реакција, одговор до јавноста испратија и од Општината, која е раководена од Горан Герасимовски од СДСМ.
Оттаму велат дека мора да постапуваат според тој ДУП бидејќи истиот ниту еден суд не го прогласил за незаконски.
„За тоа дали одредена постапка е законска или не, надлежен е единствено судот и судските органи. Ниеден суд, ниту истражен орган се нема произнесено дека некој од деталните урбанистички планови е незаконски или дека на кој било начин не смеат да се спроведуваат. Оттаму, законска обврска на општината е да ги спроведува и постапките предвидени со законите за градба. Ваквите неточни и тенденциозни информации пласирани во јавноста имаат за цел очигледно да наштетат на угледот на општината“,
велат од Општината.
Општинските власти во реакцијата дополнително апелираат Шанса за Центар да се воздржи од ваквите постапки и, како што велат, да не ги дезинформираат граѓаните.