Академик Катица Ќулавкова во текот на денешниот ден (недела) не беше „достапна“ на своите налози на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук. Поточно, тие се избришани.
Во саботата таа објави твит со потпалувачката содржина, кој добива квалификации на националистички и шовинистички.
Следеа бројни реакции на социјалните мрежи и критики дека таквите ставови не се во полза на никого, особено кога доаѓаат од интелектуалец, академик, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Цената на соживотот ја плаќаме со живот“,
напиша Ќулавкова на Твитер
Многумина од граѓаните за овој твит протолкуваа дека се однесува на актуелната ситуација со коронавирусот, како дел од наративите во кои за ширењето на ковид-19 како виновници се посочуваат етничките заедници кои не се етнички Македонци, бидејќи со децении терминот „соживот“ кај нас означува живеење и толеранција меѓу две или повеќе етнички заедници.
Но, по жестоките реакции, таа го повлече твитот и напиша нов:
„Твитот е личен и нема никаква врска со меѓуетничката македонска ситуација“,
напиша професорката, но се чини дека не ги убеди нејзините виртуелни следбеници, бидејќи критиките продолжија.
„360 степени“ упати прашања до академик Ќулавкова во врска со напишаниот твит, но и дали токму бурните реакции беа причина таа целосно да се повлече од социјалните мрежи. Таа вети дека ќе ни испрати одговор по електронска пошта, но досега одговор не добивме.