Прашан зошто не се одзвал на повикот на Таравари да му биде противкандидат на претседателските избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека му заблагодарува за понудата, но порача оти тој игра во Суперлига, а Таравари игра локално
Откако објави дека Бујар Османи ќе биде претседателскиот кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на претстојните избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одржа прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица на која одговараше на новинарски прашања во врска со ова, и други актуелни прашања околу изборите.

Прашан околу иницијативата на ДУИ за изборот на претседател на државата да се врши во Собранието, Ахмети рече дека оваа идеја не е нова, туку дека датира од нивните програми од 2016 и 2020 година.
Изборот на шеф на државата, но и негов заменик во парламентот со двотретинснко и Бадентерово мнозинство, како што рече лидерот на ДУИ, би продуцирал стабилност и зближување на граѓаните. Со овој чекор, како што додаде, ќе се заштедат и пари од Буџетот зашто за еден изборен циклус се трошат повеќемилионски суми.
„Ова е дел од програмата на ДУИ во 2020 година, од програмата во 2016 година, која детално опишува како треба да се избере претседателот и немам што да додадам повеќе освен да се заблагодарам за тоа што оваа многу важна точка се одразува и се рефлектира и кај опозицијата“,
изјави Ахмети алудирајќи на изборната програма со која најави дека ќе настапи Арбен Таравари, а се однесува на изборот на претседател на државата во рамките на парламентот.
Прашан зошто не се одзвал на повикот на Таравари да му биде противкандидат на претседателските избори, Ахмети рече дека му заблагодарува за понудата, но порача оти тој игра во Суперлига, а Таравари игра локално.
На прашањето доколку Таравари се пласира во вториот круг од претседателските избори, дали тоа значи дека ќе го бојкотираат, Ахмети одговара:
„Бојкотот не е соодветна алатка во демократијата и прашањето за бојкот не се ни дискутира.“
Од Бујар Османи како претседателски кандидат, како што рече, очекува професионално излагање во чест на државата и граѓаните. Додаде дека граѓаните треба да гласаат и да поддржат личност од европски калибар како Османи, за кого оцени дека достоинствено ја претставувал државата и дека бил најдостоен претставник на ОБСЕ.
Во врска со постизборните коалицирања, Ахмети рече дека секоја политичка партија која го оспорува Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство, Преспанскиот договор, која ја оспорува независноста на Косово, нема да може да очекува дијалог и соработка со ДУИ. Говорејќи во оваа насока, додаде дека имал и ќе има средби со сите политички субјекти, меѓу кои и со албанската опозиција, а дополнително ги охрабри сите партии да се приклучат на европскиот фронт затоа што, како што рече, има историски момент за државата.
„Ако има добра волја, поканата е отворена и Зијадин Села да му се придружи на овој фронт, но ги охрабрувам и сите партии (да се приклучат кон европскиот фронт н.з.) зашто овој момент е историски за нас и за државата. Господинот Села секако ќе дискутира за неговата конечна одлука и определба, но мое мислење е дека треба да распише референдум во неговата партија дали АА ќе излезе како автономна партија или ќе се приклучи на Фронтот за Европа. Останува на Алијанса да одлучи. Волјата за заеднички европски фронт постои“,
додаде Ахмети.