Одлуката за именување на Азир Алиу е донесена минатата недела, а предлогот, како што рече Мицкоски, до Собранието е доставен во петокот

Изборот на нов министер за здравство ќе биде ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 12 јуни, потврди премиерот Христијан Мицкоски. За оваа позиција е предложен Азир Алиу, поранешен министер за информатичко општество и администрација.
Премиерот истакна дека се прават напори собраниската седница за избор на Алиу да се одржи и порано, како што се 5 или 9 јуни, доколку парламентот успее да се организира.
„За жал, денеска е таков ден, па не можеше наеднаш да се стави на дневен ред. Се обидуваме некако да успееме пред 12 јуни, кога е закажана следната седница. Ако успееме, два термина се дадени како опција во јуни – 5 и 9, но да видиме дали ќе успее Парламентот да се организира и тогаш да закажеме седница, ако не, на 12 јуни ќе бидат дел од дневниот ред и министерот за здравство и заменик-министрите“,
изјави Мицкоски на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарски прашања.
Одлуката за именување на Азир Алиу е донесена минатата недела, а предлогот, како што рече Мицкоски, до Собранието е доставен во петокот.
Азир Алиу е дел од Алијансата за Албанците, партија која останува во коалицијата ВЛЕН по оставката на досегашниот министер за здравство, Арбен Таравари, на 15 мај оваа година и неговото заминување во опозиција.