Џорџа Мелони, лидерка на партијата Браќа на Италија, омекна некои позиции, на пример, повеќе не сака да ја напушти Европската Унија и Еврозоната. Таа ја осудува руската агресија врз Украина. Од друга страна, го поздравува Брегзит, претседателка е на европските конзервативци и реформисти и ги поддржува Полска и Унгарија во спорот за владеењето на правото
И покрај нејзините политички почетоци во неофашистичка младинска организација, Џорџа Мелони со програмата на нејзината партија Браќа на Италија, во која зборува за Бог, татковина и христијански идентитет, се чини дека успева да допре до гласачите
Парламентарните избори што денеска се одржуваат во Италија се очекува да донесат големо свртување во земјата кон десно. Анкетите пред изборите му даваат убедлива предност на обединетиот десен блок пред поделената левица, а италијанската влада, за прв пат во историјата, би можела да биде предводена од жена, Џорџа Мелони. Резултатите од изборите во Италија би можеле значително да се одразат на односите внатре во Европската Унија, но и кон Русија поради блиските врски на лидерите на партиите од десничарскиот блок со Владимир Путин.
Италијанските граѓани ги пречекуваат овие избори со товарот на високите трошоци за енергија и зголемувањето на цените на основните прехранбени производи, последици од руската инвазија на Украина. Аналитичарите ги најавуваат како уште едни протестни избори, со тоа што овојпат гласачите повеќе им веруваат на лидерите на десницата отколку на левичарските популисти.
„На власт сте принудени на компромиси. Се надевам дека ќе успеат да направат барем 20% од она во што веруваат“, смета Стефанија Лабруна од Рим.
„Таа сака застарено општество. Со неа ќе одиме наназад, а треба да одиме напред“, вели Паола ди Пласидо, жителка на Неапол, за Џорџа Мелони, потенцијалната премирка.
„Таа покажа доследност во сите свои говори и политичка пракса. Ќе ја имаме првата жена премиер“, убеден е Франческо Калабри од Рим.
И покрај нејзините политички почетоци во неофашистичка младинска организација, Џорџа Мелони со програмата на нејзината партија Браќа на Италија, во која зборува за Бог, татковина и христијански идентитет, се чини дека успева да допре до гласачите. Европската јавност се прашува дали може да преовладуваат десничарските чувства и во други делови на ЕУ, особено по победата на десницата во Шведска.
„Единствените што се плашат од нашата победа се оние од левицата, бидејќи разбираат дека нивната моќ е на крај. Добрите луѓе на Италија не се плашат. Италија на оние што сакаат да работат напорно и се продуктивни, не се плаши. Италија на младите што не сакаат да ја напуштат својата татковина, не се плаши. Не се плашат оние што сакаат да бидат горди на својата нација, народ и знаме. Таквата Италија е спремна, ние сме спремни“,
порачуваше во кампањата Џорџа Мелони, претседателка на партијата Браќа на Италија.
Мелони омекна некои позиции, на пример, повеќе не сака да ја напушти Европската Унија и Еврозоната. Таа ја осудува руската агресија врз Украина. Од друга страна, го поздравува Брегзит, претседателка е на европските конзервативци и реформисти и ги поддржува Полска и Унгарија во спорот за владеењето на правото.
Еден од партнерите за освојување на мнозинство во парламентот најде во антиимигрантската партија Лига на Матео Салвини.
„Оние кои на изборите ќе стават Х на симболот на Лигата, му веруваат на 49-годишникот кому на суд му се заканува затворска казна до 15 години бидејќи, како што вети, ги блокираше тајните пристигнувања на странски бродови кои илегално доаѓаа во Италија. Го направив тоа и со нетрпение очекувам да го направам повторно“,
вели Матео Салвини, претседател на партијата Лига.
Третиот во десничарското трио е Силвио Берлускони, поранешен премиер во три мандати, кој сака место во Сенатот за својот 86-ти роденден. Џорџа Мелони беше најмладиот министер во неговата влада во 2008 година на 31-годишна возраст. Еве како тој ја гледа руската инвазија на Украина.
„Проруското население во Донбас му кажа на Владимир Путин дека Володимир Зеленски ги засилил нападите врз нивните сили. Ве молиме, бранете не, бидејќи ако не, којзнае како ќе завршиме“,
изјави Силвио Берлускони, претседател на партијата Напред Италија.
Анкетите запреа на две недели пред изборите. Дотогаш сè укажуваше дека партијата на Џорџа Мелони ќе биде победник, пред централно-левичарската Демократска партија предводена од поранешниот премиер Енрико Лета.
„Тука сме да се соочиме со проблемите и да ги решиме, а тоа го сакаме со обединета политика. Пред се европски. Да живее Европа! Сакам да кажам повторно и повторно: да живее Европа! Доста е со таа антиевропска реторика! Да живее Европа“,
порачуваше Енрико Лета, претседател на Демократската партија.
Лета не успеа да создаде сојуз на левиот центар откако популистичкото движење Пет ѕвезди на Џузепе Конте помогна да се собори владата на Марио Драги ова лето. Отпишан откако ја потона владата на Драги, Конте го подобри својот рејтинг нагласувајќи дека најважната точка од неговата програма е потребата за подобра социјална помош за сиромашните. Аналитичарите веруваат дека зголемена поддршка за движењето Пет ѕвезди, особено во сиромашниот југ, може да ја намали предноста на десницата.