На денешната седница на Советот е заклучен Судскиот изборен именик и е формирана комисија за спроведување на изборот
Судијката Џенета Бегтовиќ од Основниот кривичен суд Скопје е единствената кандидатка за избор на член на Судскиот совет на Република Северна Македонија на листата по објавен оглас од редот на судиите припадници на заедниците што се помалку од 20 отсто од населението. На денешната седница на Советот донесена е одлука изборот да се одржи на 4 септември, а воедно е заклучен Судскиот изборен именик и е формирана комисија за спроведување на изборот.
На седницата е утврден и престанок на судиска функција поради исполнување услови за старосна пензија на судијките Анита Данилова од Вишиот управен суд и Светлана Попоска од Основен суд Струга.
Судијката Виолета Илиевска од Вишиот управен суд, пак, е определена за в.д. претседателка на судот.
Усвоена е и измена и дополнување на годишниот план за јавни набавки за 2024 година, како и измена и дополнување на правилникот за систематизација на работните места во Судскиот совет на РСМ.