Главната битка е меѓу конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени
Околу 60,4 милиони Германци денеска го избираат идниот состав на парламентот и индиректно идниот канцелар, кој ќе ја наследи Ангела Меркел.
Главната битка е меѓу конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени. Тие три партии се единствените кои, надевајќи се на победа, официјално предложија свои кандидати за канцелар.
Покрај нив, во Бундестагот најверојатно ќе влезат и партии кои и сега имаат пратеници – Либералите (ФДП), крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и партијата Левица…
Зошто се овие избори толку важни? Ангела Меркел веќе 16 години, како канцеларка, е на чело на сојузната влада, предводена од нејзината Унија, ЦДУ/ЦСУ. Младите избирачи не се ни сеќаваат на друга личност на чело на германската влада. Но, 67-годишната канцеларка се повлекува, а Унијата не котира добро во анкетите. Долго време се водеше интерна кавга кој да ги предводи ЦДУ/СЦУ на изборите, а имаше и турбуленции во раководството на ЦДУ, пишува Дојче веле.
Мандатот на Меркел формално завршува со конститутивната седница на новиот Бундестаг, која мора да се одржи најдоцна 30 дена по изборите. Меркел останува практично како вршител на должноста сѐ додека Бундестагот не избере нов канцелар. По последните сојузни избори во 2017, година тоа траеше околу половина година.