Претседателката на Државната комисијата за спречување корупција Билјана Ивановска вели дека е потребна поголема проактивност и од другите надлежни институции во борбата против корупцијата и криминалот. Таа на денешната прес-конференција посочи дека за неколку предмети имаат доставено иницијативи до Јавното обвинителство, но сѐ уште чекаат одговори.
Како пример ги наведе и иницијативите за разрешување на одговорни лица, за ограничување на дискреционите права на одговорните лица за вработување и многу други препораки за кои, како што рече, чекаат да се имплементираат, а се во насока на подобрување на системот воопшто.
Како што рече Ивановска, одговори чекаат и за јавните набавки во ДИК, предмет кој е доставен уште во 2019 година, како и за деталниот урбанистички план, предмет доставен уште пред шест месеци.
„Сметам дека тоа е од особен јавен интерес, за кој што треба Основното јавно обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви детални урбанистички планови кои се донесени на ист начин. Од друга страна, сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме. Уште летото го дадовме предметот за оценување на уставноста на законот поврзан со ‘Бехтел и Енка’“,
рече Ивановска.
Во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјава, според Ивановска, ДКСК е нотирана како проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети.
Ивановска рече дека во извештајот од ЕК се наведува дека треба да продолжат, но и да се зајакнат заложбите за поддршка и на другите релевантни институции за борба против корупцијата, како и да продолжат заложбите за подобро функционирање на оваа институција особено преку обезбедување доволно средства за вработување на стручен кадар, како и доследна примена на Националната стратегија од страна на државните институции.
Во извештајот од ЕК е забележано и донесувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата, како и обезбедувањето на просторните услови за функционирање на Комисијата.