Доколку постоел системски пристап за распределба на предметите, според претседателката на Антикорупциска, немало ниту да дојде до таков претрес и до таков проблем
Преку спорот меѓу Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција доаѓаат до израз системските слабости во функционирањето на двете институции, смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска.
Ивановска, во интервју за Сител, вели дека треба да изградиме јаки институции коишто ќе ги вадат на површина сите неправилности.
„Од она што јас имам сознание и за едната и за другата институција, сите предмети коишто доаѓаат и во двете институции не се распределуваат системски, електронски преку софтвер, туку ги распоредуваат нивните одговорни лица, првите луѓе на институциите. Со тоа се отвора можност за субјективно делување на одговорните лица, меѓутоа и се создава висок ризик за уцени и корупција. Тоа треба да се елиминира“,
рече Ивановска.
Доколку постоел системски пристап за распределба на предметите, според Ивановска, немало ниту да дојде до таков претрес и до таков проблем.
Таа посочи, дека и до ДКСК пристигнуваат анонимни пријави, меѓутоа сите тие, како што нагласи, влегуваат во софтверот и понатаму се распоредуваат од една страна кај член на комисијата, од друга страна кај советник, кој што ќе работи со членот.
„Нема ништо намерно. Се е по случаен избор како што си е направено во софтверот“,
нагласува Ивановска.
Претставка за овој случај до ДКСК, Ивановска вели дека нема пристигнато, но и дека нема потреба тие сега да се инволвираат.
Последно во случајот Финанскиска полиција- Обвинителство за гонење организиран криминал и корупцијае кривичната пријава од Управата со која раководи Арафат Муареми, со која се опфатени сите обвинители за кои сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела, но нивните имиња не ги објавуваат поради почитување на пресумпцијата на невиност.
Претходно, Муареми, најави дека ќе поднесе кривични пријави против шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска во врска со претресот што на 18 јули го извршија обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Управата за финансиска полиција.