Не можам да кажам дека состојбата е подобрена, напротив, вели во интервју за Радио Слободна Европа претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, во интервју за Радио Слободна Европа оценува дека нема напредок во борбата против корупцијата во земјава. Taa посочува дека е незадоволна од досега преземените мерки, како и дека нема судска завршница на предметите поврзани со корупција.
Според неа, институциите презеле само 10 отсто од обврските за намалување на ризиците од корупција.
„За жал не можеме да констатираме дека имаме подобра состојба во државата, односно дека сме напреднале во борбата. Како показатели, како индикатори за сето ова се спроведените активности од институциите, а се предвидени во акцискиот план на Националната стратегија. Националната стратегија ја донесовме на еден инклузивен начин, беа вклучени самите институции кои сами даваа предлози како да се надминат ризиците од корупција. По донесување на Националната стратегија остана институциите да преземат мерки. Во 2021 година преземени се само 20 проценти, во 2022 година во овогодишниот извештај евидентирано е дека се преземени само 10 проценти. Ова укажува дека недостасува волја и капацитет, ама пред сѐ волја, во самите институции да ги преземат активностите. Во вакви услови не можам да кажам дека состојбата е подобрена, напротив“,
оценува таа.
За случајот со фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР за адаптација на салата „Борис Трајковски“, Ивановска вели дека предметот е распределен и се работи на него. Таа не верува дека Османи не знаел кој е донатор на ДУИ.
„Имајќи во предвид дека се работи за предмет со високо материјално значење, се работи за износ од 1,8 милиони евра, за спроведена постапка за јавна набавка, а каде што договорен орган е Министерството за надворешни работи, а економски оператор е донатор на политичка партија. Знаете дека по нашиот закон имаме посебна надлежност да следиме избори донатори и сметки на политичките партии. Тоа беа првичните наши проценки, дека постојат ризици во соодветниот предмет и отворивме предмет. Во меѓувреме пристигна документацијата од МНР, предметот е распределен кај член, следствено на тоа и кај советник. Ќе се изврши анализа на добиените документи, ако имаме потреба, а веројатно е дека ќе имаме потреба за нешто дополнително, тоа ќе го побараме, ќе го изанализираме, и нашите сознанија ќе ги споделиме со јавноста, впрочем како што тоа редовно го правиме“,
вели Ивановска.
Ивановска смета дека клучно е да се обезбеди системско следење, поврзано со економските оператори кои ги добиваат тендерите. Таа во интервјуто говори и за случајот „Труст“, црната листа на САД, како и за преземените мерките во Националниот фронт за борба против корупција.
Целото интервју може да го погледнете тука.