„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година наваму, со исклучок на ’Бачило’. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција. Ниту еден не стигнал до суд“, рече претседателката на ДКСК
За време на петгодишниот мандат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформила вкупно 2 872 предмети, од кои 2 788 биле по пријави од областа на спречување на корупцијата, а 84 предмети се оформени по сопствена иницијатива. Притоа, решени се 2 451 предмет, а биле поднесени 59 иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица и 56 иницијативи за покренување постапка за кривично гонење. Ниту една иницијатива за кривично гонење не била процесирана, изјави денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на брифинг со новинарите по повод завршување на мандатот.

„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства, досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година наваму, со исклучок на ’Бачило’. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција. Ниту еден не стигнал до суд“,
вели Ивановска.
За тоа што треба да се преземе понатаму за ова да се промени, таа смета дека прашањето треба да се постави во правосудните органи, каде, како што посочи се потребни коренити промени, но додаде дека и секоја институција треба да си ја врши работата за која е надлежна.
„Недостига вториот момент, а тоа е спроведување на нашите одлуки и тоа не само на ДКСК, туку на независните тела. Вие го читате извештајот на ЕК, секоја година се повторува една иста препорака – институциите да постапат понатаму по иницијативите, по препораките на независните тела, за да можат предметите да си имаат своја завршница. Со носење на Кривичен законик за 24 часа, со кој што се намалија казните, со поништување на над 200 предмети, и со еден процент доверба во судството, резултатите се такви какви што ги гледаме. Значи, прво треба да бидеме јасни пред себе дали сме за искрена борба против корупција, или за декларативна“,
рече Ивановска.
Прашана за што се најмногу задоволни од својата работа, таа ги наведе 59-те иницијативи за покренување постапка за кривично гонење и 56-те иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица, кои практично, вели, се иницијативи за разрешување на високи функционери.
„Сите тие се однесуваат на високи профили на функционери, и сите се поткрепени со доказен материјал кои Обвинителството требаше да ги има предвид, да не ги третира како пријава од обичен граѓанин. Затоа што дел од тие наоди се потпираат на ревизорски извештаи. Горди сме и на сите иницијативи пред Уставен суд, иако беа отфрлени – и за поранешен претседател ни држеше иницијативата, и за ’Бехтел и Енка’ и за носење на законот по кратка постапка, затоа што Уставот се крши со тоа, но така функционира државата и час поскоро тоа треба да се промени“,
вели претседателката на ДКСК.
Таа истакна дека би можеле многу повеќе да направат доколку условите кои биле потребни за нивна работа биле побрзо исполнети, при тоа укажа на електронското поднесување на анкетните листови, кое стартуваше дури последната година од нивниот мандат.
Во однос на тоа дали во нивниот мандат се соочиле со притисоци или закани, таа вели дека не се соочиле со такви ситуации, но и дека нивниот јавно изнесен став бил своевидна брана за евентуални такви обиди.
„Притисоците биле јавни, како што се соопштенија од тројцата вицепремиери кои коментирале наоди на ДКСК, потоа настапот на ЈО кога кажа дека ја прекинува соработката. Ние на сите тие јавни притисоци сме имале и јавни одговори“,
рече Ивановска.
На новинарско прашање во врска со злоупотребата на службени возила од страна на техничкиот премиер, Ивановска изјави дека три дена пред крај на мандат ништо нема да поднесат и очекува да реагираат од Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска од аспект на етичко однесување и злоупотреба на користење на службени возила.
„Системот треба да функционира и понатаму. Нашето е до тука. Повеќе пати сме укажале на злоупотреба на службени возила и службени простории. И досега биле предупредувани тие функционери, но резултат е тој, дека предупредувањата не се доволни. Треба да се има малку поригорозни мерки во тој дел. Причина за повторување на ваквото однесување е неказнивоста, дали сте виделе некој да би казнет за злоупотреба на службени возила. Ние дадовме предлог регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила, но од 2021 година овој предлог не се спроведува затоа што нема искрена волја да се спречат вакви злоупотреби“,
рече таа.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по повод завршување на мандатот изрази задоволство што за време на својот мандат се обезбедени потребните просторни услови и кадровскиот капацитет, зголемен е буџетот на институцијата, за што вели главна поддршка добивале од меѓународните организации. Со издадените платни налози за утврдени прекршувања на законот, во Буџетот на државата биле слеани околу 7,8 милиони денари.
Очекува повеќе резултати од новиот состав на ДКСК во однос на делот на евидентирање и следење на имотната состојба, бидејќи сите промени до 2023 година тие ги внесувале рачно, а од лани е во функција новиот софтвер кој е поврзан со соодветните институции и тие промени се добиваат автоматски.
Актуелниот состав на ДКСК ќе одржи уште една седница в понеделник во рамки на својот мандат.
Новиот состав на ДКСК кој беше избран од Собранието ќе стапи на должност на 8 февруари.
За членови на новиот состав на ДКСК се избрани Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК – Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.
Претседателка на комисијата ќе биде ревизорката Татјана Димитровска, која беше прворангирана на листата на кандидати.