За членови на новиот состав на ДКСК, кој на 8 февруари в година ќе ја преземе функцијата од актуелниот, се избрани Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК – Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет. Претседателка на комисијата ќе биде ревизорката Татјана Димитровска, која беше прворангирана на листата на кандидати
Со 97 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, Собранието на денешната 135. пленарна седница ја изгласа одлуката за избор на идниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Претседател на новиот состав на Антикорупциска, кој на 8 февруари в година ќе ја преземе функцијата од актуелниот, ќе биде Татјана Димитровска – дипломиран економист, која на новата позиција доаѓа од Државниот завод за ревизија. Таа беше прворангирана на листата на кандидати, а од членовите на Комисијата за селекција доби 76 бода.
Со денешното гласање за членови на идниот состав на ДКСК се избрани судијката Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК – Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.
Инаку, за претседател и членови на Антикорупциска на огласот беа пријавени пријавени 41 кандидат, а процесот на селекција почна кон крајот на ноември со нивно интервјуирање од страна на надлежната собраниска Комисија.
По ова, Комисијата за селекција состави ранг-листа на која на првите седум места се најдоа кандидатите кои денеска беа потврдени од пратениците како членови на идниот состав на Антикорупциска.
Пред да се најде на пленарна седница, ранг-листата без никакви измени беше усвоена од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Инаку, по објавувањето на ранг-листата на Комисијата за селекција остро реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата од каде посочија за партиски влијанија и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на Антикорупциска.
Од Платформата целосно ја поддржаа Снежана Камиловска-Трповска, која како член на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови ДКСК од редовите на невладиниот сектор изрази издвоено мислење поради, како што наведе во писмен допис до медиумите, необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата.