Претседателот во заминување Ѓорѓе Иванов побарал кабинетот што законски му следува по завршување на мандатот да биде во кулите на турски „Џевахир Холдинг“ во скопски Аеродром. „360 Степени“ дознава дека канцелариите на Иванов ќе бидат на два ката во една од зградите. Едниот простор, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22 кат. Вториот простор, за библиотека и состаноци, е близу самиот врв, на 38 од 42 ката колку што имаат кулите. Вкупната месечна кирија, неофицијално, е околу 2000 евра.
Иванов беше кум на свадбата на еден од синовите на Џевахир
Како претседател на државата, Турција беше една од земјите во кои Ѓорѓе Иванов најчесто патуваше и во официјални, но и во неофицијални посети. Во врска со одлуката неговиот кабинет да биде во кулите на „Џевахир скај сити“, треба да се потсети дека во февруари 2012 година, Иванови беа на свадба во Истанбул кај еден од синовите на Ибрахим Џевахир, сопственик на „Џевахир Холдинг“ и инвеститор во кулите во Аеродром. Пред 1800 гости, меѓу кои и тогашниот турскиот претседател Абдула Ѓул, Иванови ја имаа честа да бидат кумови на Есер Џевахир, кој патем од 2017 година е директор на локалната фирма во Северна Македонија, „Турмак“. Меѓу гостите беше и Ивица Коневски, тогашен градоначалник на Аеродром, општината во која се градат кулите.
На новинарските прашања од февруари 2012 година за присуството на шефот на државата на приватна веселба кај странски инвеститор во Македонија, од кабинетот на Иванов тогаш одговорија:
„Претседателот има редовни средби со голем број инвеститори кои работат во државата како странски така и домашни. Тој ќе продолжи да дава максимални заложби за развој на економијата. Како и другите гости, на Претседателот му беше чест што беше поканет.“
На Иванов му следува кабинет со тројца вработени, возач, возило, пензија…
Според Законот за правата на претседателот на РСМ и неговото семејство по завршувањето на функцијата, на Ѓорѓе Иванов му следуваат:
-пензија, чиј износ е еднаков на платата што ја прима претседателот;
-канцелариски простор и најмногу до три стручни лица;
-лично обезбедување;
-службено возило и возач;
-учество на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд.
Членот 7 од Законот вели дека „може по негово барање да му мируваат правата утврдени со овој закон“. Ниту еден поранешен претседател досега не ја активирал оваа законска опција.