Во сведочењето за организацијата на крвавиот четврток, Иванов рече дека таквата теза била за негова дискредитација и ја нарече „школски пример за психолошка војна“
Поранешниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, ги нарече небулози информациите дека на 27 април 2017 година планирал да прогласи воена состојба.
Тој за оваа претпладнево зборуваше во Основниот кривичен суд во Скопје, каде што беше повикан како сведок по предлог на одбраната во процесот за организацијата на крвавиот четврток.
„Сѐ што е поврзано со воена состојба произлезе од текст објавен во еден неделник, една недела пред настаните. Објавен беше текст со шпекулации, невистини. До 27 април тој текст беше интерпретиран, коментиран во другите медиуми во земјата и беше пренесен во странски медиуми. Целиот текст е небулоза. Уставот е јасен: воена состојба се прогласува кога постои опасност за напад на Републиката, кога е нападната државата или кога ѝ е објавена војна на Републиката. Одлука носи Собранието со двотретинско мнозинство, кое ако не се состане, одлука може да донесе и претседателот, но таа потоа оди на потврдување во Собрание“,
изјави Иванов кој потоа уште еднаш нагласи дека тој период парламентот имал надлежност за прогласување воена состојба бидејќи е во постојано заседание од моментот на верификација на пратеничките мандати.
Во 2001 година, зборуваше Иванов, не се прогласи воена состојба, а во 2017 таква теза се пласирала само за да се дискредитираат армијата и врховниот командант, во случајот тој, како тогашен претседател.
„Тоа е школски пример за психолошка војна. Создавање алиби не некој кој требало да преземе нешто, а за тоа вината да биде на претседателот на државата“,
рече Иванов.
Ексшефот на државата нагласи дека постојат одбранбени документи во државата во кои се дефинирани строги механизми за да нема злоупотреби.

Поранешниот претседател зборуваше и за движењето „За заедничка Македонија“, чиј протести рече дека ги поддржувал, а тука ја спомена и т.н. тиранска платформа.
„Јас неколкупати јавно го поддржав движењето, тоа беше во мои соопштенија, во јавни обраќања и во годишните обраќања во Собранието. По објавувањето на текстот на тиранска платформа, имаше жестоки реакции од поедини лица и институции, особено во дијаспората, затоа што тогаш имаше и изјави од косовскиот претседател и од албанскиот премиер. Тоа се совпадна и со тогашно интервју на еден американски конгресмен, дека Македонија како држава не треба да постои. Сите тие реакции потоа се слеаја во движењето ‘За заедничка Македонија’“,
рече Иванов.
Ваквото сведочење на Иванов е контра исказите на Александар Василевски-Нинџа и браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои беа обвинети во претходниот судски процес за 27 април, а во овој за организацијата се појавија и како сведоци.
Тие го споменуваа поранешниот шеф на државата во контекст дека ноќта на 27 април 2017 година добиле информација од вработен во УБК, Дејан Димовски-Боксер, дека Иванов ќе прогласи воена состојба. Според нивните сведочења, таква информација на Боксер му дал извесен Синиша од кабинетот на Иванов. Нинџа зборуваше и дека не била прогласена воена состојба поради притисок од странски фактор.
И кога беа овие сведочења, од кабинетот на Иванов ги демантираа информациите и порачаа додека лажно сведочење е кривично дело.
Обвинети во случајот за организација на 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.