Од СДСМ велат дека треба веднаш да се создадат можности сите вакви случаи наведени од стратешките партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство

Последната одлуката на нашиот стратешки партнер САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе законот за рестриктивните мерки во македонското Собрание, се вели во реакцијата од СДСМ по ставањето на Катица Јанева и Стевчо Јакимовски на „црната листа“.
Законот, како што велат од СДСМ, од страна на Владата е доставен до Собранието и го повикуваат пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред, а Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен.
„Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи. Тоа, според СДСМ, ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем.
Американскиот Стејт департмент денеска именуваше повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Северна Македонија, Стевчо Јакимовски.
Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата рече дека денешната одлука за ставање на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и на актуелниот градоначалник и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски на „црната листа“ на САД не треба да бидат изненадување за никого.
Агелер вели и дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција.
„Луѓето од Северна Македонија заслужуваат правда и отчетност од нивните институции, за да се запре напливот на криминално однесување и да се отстрани корупцијата како рак-рана“,
вели амбасадорката.