„Бизнис инсајдер“ објави дека станува збор за профил креиран од италијански новинар Томазо Дебенедети наречен „сериски измамник“, кој досега објавил повеќе лажни вести меѓу кои и интервјуа со познати светски личности
На Твитер денеска се појави информација дека починал поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, која веднаш е демантирана од Хашкиот трибунал.
Лажниот твитер-профил на босанската министерка за надворешни работи Бисера Турковиќ е креиран од италијанскиот новинар Томазо Дебенедети, кој е познат по вакви слични измами.
„Информациите за смртта на Ратко Младиќ не се точни и ги демантираме“, изјави за телевизијата Н1 портпаролката на судот во Хаг, Хелена Еглстон, одбивајќи да ја коментира здравствената состојба на затвореникот.
Информацијата ја демантираше и неговиот син Дарко Младиќ, кој истакна дека тој веројатно прв би разбрал доколку неговиот татко починал.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, исто така, ги отфрли информациите дека Младиќ починал.
Твитер-профилот е отворен минатиот месец и станува збор за лажен профил, на што укажува и последниот твит: „Овој профил е лажен и е креиран од италијанскиот новинар Томазо Дебенедети.“
Дебенедети е познат по слични измами, а тврди дека неговата мисија е да го измени начинот на кој го користиме интернетот. Во текот на својата кариера има објавено повеќе од 60 измислени интервјуа со истакнати личности, меѓу кои Џон Гришам, Дезмонд Туту, Михаил Горбачов, кардиналот Рацингер и далај-лама. Во последните години користи лажни профили на Твитер и објавува лажни вести. Некои го нарекуваат „сериски измамник“, а други „активист на социјалните мрежи“, пишува „Бизнис инсајдер“.