Италијанските лекари најавија дека ќе почнат со користење крвна плазма од оние што оздравиле од ковид-19 за да им помогнат на најтешко заболените во болниците.
Во текот на речиси еден месец Италија имаше повеќе смртни случаи од коронавирус од која било друга земја во светот, но сега лекарите се надеваат дека текот на болеста ќе го свртат во друг правец, пренесува Си-ен-ен.
„Од ова може да произлезе нешто добро“, изјави д-р Фаусто Балданти, кој смета дека земјата има голем потенцијал од дарители бидејќи имала голема епидемија.
Во Италија бројот на заразени со коронавирус е 165 155 лица, од кои 21 645 починаа, а 38 092 лица оздравеа.
Во светот, пак, вкупниот број на заразени надмина 2 милиони и според „Ворлдометерс“ изнесува 2 084 744 луѓе, од кои 134 685 починаа, а 515 475 лица оздравеа.
Луѓето што заздравеа од инфекцијата или се позитивни на вирусот, но не покажале симптоми, развиваат антитела во крвната плазма. Тие антитела можат да се вбризгаат кај друг заболен, каде што можат да помогнат во неутрализацијата на вирусот во телото на примателот.
*Поврзана вест
Гутереш: Само вакцина може да ја врати нормалноста во светот