Ситуацијата во Неапол и во многу делови на Кампања е надвор од контрола. Владата мора да интервенира, нема повеќе време, порача италијанскиот министер за надворешни работи
Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо изјави дека ситуацијата со коронавирусот во Неапол е „надвор од контрола“, повикувајќи се на извештаите за катастрофалната состојба во болниците, за пациенти кои се лекуваат во нивни автомобили на паркинг, пренесуваат агенциите.
Изјавата на министерот за надворешни работи следеше откако на социјалните мрежи се прошири видео од човек, кој бил пронајден мртов во тоалетот на болницата, за кого медиумите шпекулираат дека веројатно бил сомнителен на ковид и оти починал додека чекал да се тестира.
Ди Мајо рече дека тоа е „само уште еден од последните шокантни инциденти за кои слушнал во последните денови“ што се случи во регионот Кампања, од каде и тој потекнува.
„Ситуацијата во Неапол и во многу делови на Кампања е надвор од контрола. Владата мора да интервенира, нема повеќе време”,
напиша Ди Мајо на Фејсбук.
Фоторепортерите од Неапол објавија фотографии на кои се гледа како граѓаните чекаат тестирање или прием во болницата во долги колони автомобили, агенциите наведуваат дека на многу луѓе им бил даван кислород во нивниот автомобил, бидејќи не можат сите да ги примат, па честопати треба да им се даде инфузија на паркингот.
Премиерот на Кампања Франческо Бокија ги нарече ваквите сцени „срамни за сите одговорни“. Оваа област помина многу подобро од северна Италија за време на првиот бран пролетоска, во кој починаа десетици илјадници луѓе во Италија. Агенциите наведуваат дека во 2020 година во областа има 146 кревети за интензивна нега, за до крајот на октомври и покрај пандемијата да има само уште 8 дополнителни.
Маурицио Капиело, лекар во Итната служба во болницата Кардарељи во Неапол, изјавил дека вирусот се шири многу брзо и дека е помината критичната линија на тревога.
„Единствениот начин да се преземе контролата во Кампања е целосно затворање“,
апелира тој.