За заштитата на италијанските граѓани, не може да се преговара, рече специјалниот комесар за пандемијата
Италија најави дека ќе преземе правни дејства против фармацевтската компанија „Фајзер“ поради доцнење на испораката на вакцините против ковид-19.
„За заштитата на италијанските граѓани, не може да се преговара“,
истакна специјалниот комесар за пандемијата Доменико Аркури.
Тој рече дека разговарал со министрите и со регионалните лидери и оти е донесена одлука да се преземе акција следните денови.
Вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ и „Бионтек“, кон крајот на декември беше одобрена од Европска Унија, но американската компанија минатата недела соопшти дека ќе ги одложи испораките во следните три до четири седмици поради промени во работниот процес во Белгија. Следниот ден компанијата соопшти дека ја ограничува испораката за една недела.
Аркури истакна дека неделава не се доставени 29 проценти од ветените дози.