Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во земјава во следниот период ќе стигнат 250 илјади дози вакцини произведени од компанијата „Џонсон и Џонсон“, кои се донација од Данска
Американската фармацевтска компанија „Џонсон и Џонсон“ во вторникот објави дека податоците од новата студија во последната фаза од клиничките испитувања покажуваат дека втората доза од нејзината вакцина, доколку се даде околу два месеца по првата, ја зголемува нејзината ефикасност до 94 проценти.
Компанијата објави на својата веб-страница дека клиничкото испитување во Соединетите Држави покажало дека засилувачката вакцина обезбедува дури 100 проценти заштита од тешки симптоми на ковид-19, почнувајќи од 14 дена по добивањето на втората доза.
Компанијата, исто така, рече дека нема докази дека ефективноста на вакцината е намалена за време на студијата, која била спроведена во време кога делта-сојот стана доминантна варијанта на вирусот во САД.
Од „Џонсон и Џонсон“ наведуваат дека тестовите спроведени надвор од Соединетите Држави покажале дека вакцината нуди до 87 проценти заштита од тешки форми на ковид-19. Компанијата, исто така, објави дека засилувачката вакцина, дадена шест месеци по првата доза, предизвикала нивото на антитела да се зголеми за деветпати една недела по примањето дополнителна доза и дека тоа продолжило да се зголемува до 12 пати.
Минатиот петок советодавната комисија на Агенцијата за храна и лекови (ФДА) изгласа препорака за итна дозвола за дополнителни дози на вакцина на „Фајзер“ за Американците над 65 години и оние со висок ризик од сериозни болести, но членовите на комисијата гласаа против препорака засилувачка доза да им се дава на општата популација, наведувајќи дека за таква одлука се потребни повеќе податоци.
Од „Џонсон и Џонсон“ соопштија дека ги доставиле своите податоци до Управата за храна и лекови и дека планираат да ги испратат и до други регулатори, СЗО и други советодавни групи за вакцини ширум светот.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во земјава во следниот период ќе стигна 250 илјади дози вакцини произведени од компанијата „Џонсон и Џонсон“. Тие се донација од Данска, а имаат рок на траење до 2023 година.