Мајката и адвокатот на Алексеј Навални добиле известување дека тој починал од „синдром на ненадејна смрт“ по прошетка во затворот во кој тој ја издржувал казната. Од друга страна, неговата портпаролка вели дека неговото тело не било во мртовечницата во близина на затворот, со што се отвора сомнеж дека можеби станува збор за убиство
Најпознатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални според информациите на персоналот во казнената колонија „Поларен волк“ во градот Карп, се онесвестил и починал вчера по прошетката во затворот, а според првичните информации од истражителите, тој починал од синдром на ненадејна смрт. Неговата мајка Људмила, добила официјално известување за смртта на својот син, но неговото тело сѐ уште не ѝ било предадено, што според неговата портпаролка Кира Јармиш значи дека Кремљ можеби се обидува да ги прикрие трагите на неговите „убијци“.
„Мртовечницата е затворена, и покрај уверувањата на колонијата дека работи и дека телото на Навални е таму. Адвокатот се јавил на телефонскиот број на мртовечницата. Му било кажано дека тој е веќе седмиот кој им се јавил денеска и дека во мртовечницата не е телото на Навални“,
рече Јармиш.
Јармиш вели дека според информациите со кои таа располага, телото на Навални било пренесено во Салехард од страна на руски инспектори, но кога неговата мајка и адвокат пристигнале во мртовечницата, неговото тело не било таму. Вработен во мртовечницата, пак, им соопштил дека тој не направил прием на ниту едно тело и им посочил оти треба да го бараат и во други градови во регионот. Неговиот тим, пак, на Телеграм напиша дека неговите убијци сакаат да ги прикријат трагите и затоа не го предаваат телото на Алексеј и дека го кријат дури и од неговата мајка.
Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски политичар, почина на 47-годишна возраст во затворот на крајниот север на Русија на 16 февруари. Веста за неговата смрт вчера преку соопштение ја објави затворската служба, наведувајќи дека Навални починал откако му се слошило по прошетка.
Неговата смрт предизвика собири и демонстрации не само во Русија туку и во други држави ширум светот.
Според руската група за човекови права ОВД-Инфо, руската полиција уапсила најмалку 100 лица за време на собирите и демонстрациите низ осум града, вклучувајќи ги Москва, Санкт Петербург и Краснодар. Меѓу приведените е и фотограф на весникот „Новаја Газета“ и дописник на РусЊуз.
Рускиот опозициски лидер беше зад решетки од 2021 година, а затворската казна во август минатата година му беше продолжена на уште 19 години. Навални неодамна беше испратен во затворот „Поларен волк“ на крајниот север на Русија, кој важи за еден од најстрогите во рускиот затворски систем.