Со цел непречено водење на истрагата, јавниот обвинител предложил на осомничениот да му бидат изречени мерки на претпазливост

Против 19-годишник, кој е осомничен за кривично дело насилство, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истражна постапка.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 21 април, околу 2 часот по полноќ, пред тобако-маркет во скопската населба Кисела Вода. Осомничениот, заедно со неколку непознати лица, извршил груб напад врз две лица кои седеле пред маркетот.
При нападот, осомничениот и неговите соучесници употребиле тврди предмети – бехатон-плочки, со кои ги удирале другите лица. Едно од нападнатите лица се здобило со тешки телесни повреди, додека другото поминало со полесни повреди.
На настанот, како што додаваат од Обвинителството, присутно било и 10-годишно дете, кое како сведок претрпело чувство на несигурност, загрозување и страв поради насилниот чин.
Со цел непречено водење на истрагата, јавниот обвинител предложил на осомничениот да му бидат изречени мерки на претпазливост. Овие мерки вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за редовно јавување во судот, привремено одземање патни исправи и забрана за приближување и контактирање со оштетените.