Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и рамото
Постапката против полицаецот е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања. ОЈО Скопје бара притвор за другите двајцата осомничени против кои постапува – едниот од нив е во бегство
Три лица, меѓу кои и полицаец, се осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода, соопшти Основно јавно обвинителство Скопје.
Двајца од осомничените на 23 април годинава повикале лице да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот „Беласица”.
Автомобилот го возел полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело нанесувајќи му тешки повреди.
Му одзеле околу 8 000 денари, колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10 000 евра ќе ги убијат и него и неговиот татко“,
соопшти Обвинителството.
ОЈО Скопје бара притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство.