-Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки, порача Пендаровски од Водно
Претседателот Стево Пендаровски од централната манифестација во негова организација на Водно утрово порача нема откажување од европскиот пат, но, истотака кажа и дека на тој пат нема место за разговори за, како што рече, возобновување на империјалистички концепти од минати векови.
Тој со Орден за воени заслуги, постхумно ја одликува Невена Николова Георгиева – Дуња, за, како што најавија oд неговиот Кабинет – извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења. Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно го одликува Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а уште осумина се одликувани со Медал за храброст: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.
Шефот на државата кажа дека славната антифашистичка генерација полека ја напушта историската сцена.
„Овој чин го правиме во период кога нашата држава по којзнае кој пат се соочува со обиди да биде негирана националната самобиност на македонскиот народ и оспорени неговите уникатни национални белези. Револтот на граѓаните е оправдан затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци сепак, создала простор каде луѓето се слободни и свои. Во рамките на нашите заложби за целосна интеграција во ЕУ имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било наместо за европски вредности, да разговараме за возобновување на империјалистичките концепти и идеи од минатите векови“,
порача Пендаровски.
Тој вели дека концептот на обединета Европа ја дава најдобрата шанса да се заокружи развојот на Северна Македoнија како современа европска република.
„Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и нашата иднина, но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома, кадешто треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна“,
кажа шефот на државата.
Тој вели дека е свесен оти дел од граѓаните стравуваат дека на европскиот пат ќе се цензурира нашето историско паметење, дека наводно нема да може да се споменува против кого се бореле нашите херои или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортација на македонските Евреи или масакрот на младинците во Ваташа.
„… Дека ќе ги затвориме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот ‘41 – ‘44, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина, ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда и токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината, бидејќи историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол, бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт. Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти никогаш не било ниту може да биде говор на омраза“,
рече Пендаровски.
Тој им порача на граѓаните да не чувствуваат никаков страв.
„Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки, а наша должност е да се грижиме нашата република сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја држава. Нека е за многу години Илинден, да живее Република Северна Македoнија“,
кажа Пендаровски од Водно.