Според лидерот на опозицијата, во 21 век, во Македонија треба да се зборува за работи што значат додадена вредност во животите на нашите сограѓани
Етнонационалистичките и шовинистички пораки коишто доаѓаат од водечкиот и стожерен коалиционен партнер во владата, Демократската унија за интеграција и Али Ахмети, се за целосна осуда. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на неговата посета на општина Ресен, прашан за изјавата на лидерот на ДУИ, кажана по отворањето на музејот во меморијалниот комплекс во Сопот, во кој, како дел од експонатите, се најде и мермерна плоча на која е исцртана картата на „голема Албанија“.

„Ние во 21 век, во Македонија треба да зборуваме за работи коишто значат додадена вредност во животите на нашите сограѓани. За жал, денеска Албанците, Македонците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите, поради тешкиот живот во Македонија и поради ваквите политичари коишто повеќе од 20 години на овие националистички и шовинистички флоскули ја пљачкаат Македонија, ги полнат автобусите и авионите и заминуваат од Македонија. Во периодот на отсуство на проекти, во отсуство на работа, ДУИ и Али Ахмети, и останатите првенци на таа партија за да го заштитат криминалот што го прават, и злоделата кон македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот, влашкиот, ромскиот народ, и егзодусот што се случува, ќе се обидат да дефокусираат со вакви националистички и шовинистички пораки. Мене ме чуди што премиерот Ковачевски како помал коалиционен партнер во владата сè уште таму го грее столчето. Тој треба да замине и барем еднаш во неговиот живот да покаже дека не е обична кукавица и измеќар на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција“,
истакна лидерот на опозицијата.
На новинарско прашање во врска со користењето дипломатски возила на претстојниот собир на ОБСЕ во Скопје, лидерот на македонската опозиција оцени дека и во таа владина постапка има сомнеж за криминал.
-На големиот настан на ОБСЕ, којшто би требало да значи можност странски високи дипломати да ги видат убавините на Македонија и на главниот град, тие успеаја да отворат сомнеж за криминал. Со цените коишто ги прикажуваат тие дури не можат да им конкурираат ниту на најбогатите светски држави бидејќи се неколкукратно повисоки и од тамошните пазари. Жалам што и во последните моменти од нивниот мандат, покажуваат и докажуваат дека тие се само обични криминалци, и ваквото однесување е за осуда,
рече Мицкоски.