Го направија пропустот за којшто знам дека никој нема да сноси одговорност или за да се покријат, ќе одговара некој друг. Колку да е некој де … А, ништо чудно и обдукцијата да е така скоцкана да нема крив. Како што кажавте, да не е некоја најретка аномалија или? А, тоа што по канти баравте плаценти, постелки, и што ми стававте, пишува Крстеска која минатиот викенд го изгуби бебето неколку часа по породувањето
Родилката Викторија Крстеска, која минатиот викенд го изгуби бебето веднаш по породувањето во битолската болница, на социјалната мрежа Фејсбук објави статус во која ја кажува нејзината страна на приказната и тврди дека имала здрава бременост, но тежок и насилен пораѓај.
„Овие денови требаше да ја добијам најголемата титула во животот. МАЈКА. Поради партиските прекупувања, ривалство, инает меѓу докторите и неспособноста јас изгубив најмногу. Го изгубувме највредното нешто во животот. Нашиот Јован. Нашето најмило. До кога поради вас партиски пиунчиња ќе традаме?“,
пишува таа на почетокот на објавата.
Вели дека во објавите досега се изначитала безброј лаги и различни приказни, но во салата вели била само таа и персоналот.
Бебето, пишува Крстеска, ниту ми почина во стомакот, ниту беше извадено со вакум „иако се колнат дека било така“.
„Точно дека бев вратена од болница дома и се уште си го поставувам прашањет зошто? Се вратив во раце на други. Откако ми го пукнаа водењакот и ’искусните‘ воочиле дека има мекониум, а ЦТГ уредно, а за кое никогаш не одбив да ми биде направено, имаше време за царски. И до утре можат да ме убедуваат дека немало, било во каналот … Па еве, кога било во канал, можевте веднаш да употребите ама вистински вакум и да го извадите и да ми го спасите бебето, а не додека после пукање на водењакот викав, кревајќи ја болницата од болки и молев за рез, уште два часа, госпоѓата која што веднаш после смртта на моето бебе си замина на одмор и не се појави на ниту едно сослушување, која тврдеше дека не учествувала во мојот пораѓај, иако таа ме искасапи и животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече ’ако не ти се бендисавме ние, оди си во плодност“. Удирајќи ме во стомакот, на којшто се уште имам траги, насилно ми го извадивте бебето кое никогаш не успеав да го видам“,
вели родилката.
Таа прашува какви се, небулози ќе слушне и вели дека „дел по дел, ќе обелодени се“.
Во објавата понатаму таа пишува дека имала најздрава бременост до последен миг и секој преглед и резултат биле уредни.
„Го направија пропустот за којшто знам дека никој нема да сноси одговорност или за да се покријат, ќе одговара некој друг. Колку да е некој де … А, ништо чудно и обдукцијата да е така скоцкана да нема крив. Како што кажавте, да не е некоја најретка аномалија или? А, тоа што по канти баравте плаценти, постелки, и што ми стававте?! А тоа што се договоривте што да кажете за да се покриете? А?“,
вели Крстеска.
На крајот од својата објава таа обвинува дека „го убиле бебето поради его, надменост и непрофесионализам“ и вели дека парична казна за ова е смешна и нема да се откаже додека одговорните не сносат одговорност.
Што констатираше ДСЗИ
За случајот Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши и вонреден надзор од каде изрекоа прекршочна за еден гинеколог, за одговорното лице во болницата и за болницата како правно лице. Од ДСЗИ го објавија извештајот направен од увидот во медицинската евиденција и документацијата, како и од изјавите дадени од гинеколозите и акушерите, но најавија дека во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на родилната и починатото новороденче ќе иницираат стручен надзор.
Во извештајот направен врз основа на документацијата и изјавите, пак, објавија дека родилката се јавила на преглед на 8 април 2023 година и ја прегледал дежурниот гинеколог М.В.
На 9 април околу 2:30 часот таа била примена со упат од истиот лекар поради болки. Бил направен ЦТГ предлег и била земена крв за биохемиска анализа. Дополнително биле направени уште два ЦТГ записи со потпис од истиот лекар. Во утринските часови, на пациентката и била дадена терапија, по што е пуштена дома поради тоа што, рекол докторот, „раѓањето не било започнато“. Препораката била да дојде во болницата доколу се јават болки или пукне водењакот.
„Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така нема евидентирано анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар кој го извршил приемот. По изјава на лекарите специјалисти по гинекологија и акушерство кои биле дежурни во наредната смена,на ден 09.04.2023 година“ пациентката околу 14 часот се јавила на одделението и по извршениот клинички преглед во амбулантата направен е ЦТГ запис во 14:15 часот. По препораката за прием заради отпочнато породување, со оглед на утврдената состојба при извршениот преглед, констатирано е дека за неа веќе е отворена историја на болест. Пациентката е примена во предпородилна сала, направен е ЦТГ запис во 15 часот и извршено е породување по природен пат со употреба на вакум екстрактор при излез“,
пишува во извештајот на ДЗСИ направен врз основа на документацијата и изјавите од лекарите.
Дежурните лекари, според извештајот на ДЗСИ, изјавиле дека кога го презеле дежурството не им било кажано дека за пациентката претходно е отворена историја на болест и е извршен прием на одделението ниту пак во рапортната тетратка бил евидентиран приемот.
За време на породувањето, пак, бил присутен и педијатар – неонатолог. Констатирано е дека бебето се родило живо, а по 2 часа и 35 минути реанимација била констатирана смрт на новороденчето.
„Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В.К. констатирано е дека уредно се пополнети сите рубрики. Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10-минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2 часа и 35 минути во 18:25 часот констатирана е смрт на новороденото од страна на присутните лекари специјалист педијатар – неонатологот и специјалист анестезиолог. Телото е предадено на обдукција со пополнети потврда за смрт и лекарски извештај за причина за смрт, а во пријавата за породување истото е нотирано“,
пишува во извештајот на ДЗСИ.
Сите лекари кои учествувале во третманот на родилката и бебето биле со важечки лиценци.