Гури, како што објави телевизија Телма, судот го ослободил од издржување на затворската казна и времено му ја заменил со домашен притвор поради примање на редовна терапија за здравствените проблеми кои ги имал
Поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи, Исмет Гури, кој беше пуштен во домашен притвор, не е достапен за органите на прогонот, пренесува вечерва телевизијата Телма.
Гури, како што објави телевизијата, судот го ослободил од издржување на затворската казна и времено му ја заменил со домашен притвор поради примање на редовна терапија за здравствените проблеми кои ги имал.
Гури беше вмешан во случај со даночни измами во кој беа вкупно 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), а се товарат за повеќе кривични дела како злосторничко здружување, даночна измама и перење пари.
Во случајот со Гури, кој беше заменик-директор во УЈП е опфатен и неговиот син.
Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, на 14 јули минатата година добија затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд-Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.
Повтореното судење следуваше по првата првостепена пресуда, но Апелацискиот суд Скопје ја укина таа одлука и го врати случајот на почеток.
Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал – се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.
Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.