Портпаролот на полицијата во Кабул изјави дека во експлозијата загинале пет цивили, а неколку се ранети
Милитантната група „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад пред Министерството за надворешни работи во Кабул во средата, во кој официјални лица и очевидци изјавија дека загинале најмалку пет лица, а 40 се ранети.
Оперативец на „Исламската држава“ помина покрај безбедносните бариери на талибанците „пред да активира појас со експлозив среде вработените и чуварите“, објави новинската агенција Амак на локалниот огранок на „Исламската држава“ на Телеграм.
Портпаролот на полицијата во Кабул Калид Задран изјави дека во експлозијата загинале пет цивили, а неколку се ранети.
Претходно, агенциите пренесоа изјава на талибански функционер дека загинале над дваесет луѓе, но таа бројка не беше официјално потврдена.
Локалниот огранок на „Исламската држава“, познат како „Исламска држава – Хорасан“ (ИСК), тврди дека најмалку 20 луѓе загинале во експлозијата, вклучувајќи неколку дипломатски службеници.
Фотографиите од местото на настанот, чија автентичност ја потврдија талибанските власти, покажуваат тела на луѓе кои се убиени или ранети.
Италијанската невладина организација „Емергенси НВО“, која управува со болницата во Кабул, објави дека примила повеќе од 40 ранети.
„Бројот на жртви продолжува да расте. Поставивме и кревети во кујните и мензата“,
се вели во соопштението на итната помош, а го пренесува агенцијата Франс прес.
Задран рече дека нападот се случил на 11 јануари околу 16 часот по локално време.
Ројтерс потсетува дека администрацијата на Авганистан, управувана од талибанците, се соочи со бунт од милитантите на „Исламската држава“ кои ги нападнаа клучните објекти во последниве месеци, вклучително и руската и пакистанската амбасада и канцеларијата на поранешниот премиер.