Во текст објавен на платформата „Окружење“, Адријана Радовиќ, политиколог, граѓанска активистка и членка на движењето „Преокрет“, пишува како до квалитетно, функционално и одржливо поврзување во регионот може да се дојде само ако поголемите играчи на Балканот ја увидат неопходноста за рамноправен третман на сите
автор: Андријана Радовиќ
Светот се менува пред наши очи. Доколку на тоа не го прилагодуваме и нашето разбирање – ете проблем. Треба и уште еднаш да бидеме отворени и да кажеме дали остануваме на истите вредности. Ако сме сигурни на тоа поле, довербата ќе дојде и на другите полиња. Неискреноста може да нѐ чини долгорочна или трајна дезориентираност.
Со цел да се воспостави долгорочна функционална врска меѓу земјите од Западен Балкан, многу е важно енергијата да ја насочиме кон иницијативи што имаат јасна улога, а кои во целост се во согласност со аспирациите кон Европската унија, како што е Берлинскиот процес, кој подразбира широк опсег на соработки, од развој на инфраструктурата, намалување на невработеноста, зголемување на конкурентноста во стопанството, па до меѓусебни помирувања, образование и екологија.
Сепак, се појави и нова регионална иницијатива, Open Balkan. Беше најавена бучно, а сега е толку стивната, што се чини и дека е укината. Навидум, идејата за додатно вмрежување во регионот не е проблематична, меѓутоа, се слушнаа сериозни критички тонови во три од шесте држави за кои беше очекувано да се приклучат. Одговорите беа политикантски, без контрааргументација, што го отвори прашањето која е целта на таква исфорсирана комуникација? Горе-долу, она што требаше да значи Берлинскиот процес, сега би бил Open Balkan под водство на локалните лидери. Имаше неколку рунди договори и собири, и сето тоа траеше до ескалацијата на релација Белград-Приштина. Албанскиот премиер Еди Рама потоа на одреден начин одржа проштален говор со зборовите дека оваа иницијатива ја исполнила својата мисија, иако, всушност, реално не ни започна.
Која би можела да биде лекцијата? Ако поголемите играчи на Балканот ја увидат неопходноста за рамноправен третман на сите, доколку разбирањето на регионалните процеси не значи будење на националните програми, доколку отворено им одговараме на критичарите, можеме да дојдеме до некој вид одржливо поврзување. Вака, само ќе ги оптоваруваме каналите на комуникација со иницијативи кои, всушност, се обид за нешто што само се наѕира, а што би значело ширење на влијанието на поголемите врз помалите, со сосема нејасни критериуми за избор на приоритетни теми на кои им се дава фокус.
Меѓутоа, со тоа што увидовме дека еден модел не функционира, не сме поблиску до решение. Тоа е очигледно: решението е интеграција на Западен Балкан во ЕУ, но за првпат се чини дека има помалку ентузијазам кај одредени земји аспиранти отколку кај ЕУ. Исто така, се поставува прашањето дали ЕУ ги наградува најдобрите ученици или, дури и кога ќе ја завршат добро задачата, ги враќа назад, затоа што другарот од клупата не завршил.
Потребата за интеграции е неопходна, но мора да ја следи визија за да излеземе од лавиринтот во кој сега веќе имаме други заинтересирани страни, големи глобални играчи. Индолентноста веќе направи нивните интереси во значајна мера да бидат значајно вкоренети на подрачјето на Западен Балкан. Ако во тоа не успееме, или се препуштиме на стихиите на интересите на агресивните сили од Исток, наместо интеграции добиваме вртелешка каде што на крајот од секој круг нѐ чека нов извештај и стари желби дека ќе бидеме дел од Европа – не само географски, туку и суштински.
* Андријана Радовиќ е политиколог, граѓанска активистка и членка на движењето „Преокрет“