Пожарот настанал во текот на монтажата на декоративната фасада на источната страна од градбата, а како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите се запалил фасаден панел

Искра од апарат за заварување е причина за пожарот што вчера во попладневните часови се случи во трговскиот центар „Блис“ во Битола.
Според соопштението објавено на фејсбук-страницата на трговскиот центар, пожарот настанал во текот на монтажата на декоративната фасада на источната страна од градбата, а како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите се запалил фасаден панел.
„Она што е најважно е дека нема повредени. Единствено, според првичниот увид, причинета е мала материјална штета која го опфаќа фасадниот панел на источната страна, кој благодарение на фактот што е со PIR исполна (огноотпорен) во комбинација со PIR (огноотпорни) кровни панели и дополнителна внатрешна изолација со камена волна и огноотпорни ѕидови од гипсени табли, се спречи проширување во внатрешноста на објектот и на околните фасади од објектот“,
се додава во соопштението.
По извршениот увид по гасењето на пожарот, се додава во соопштението, не се констатирани штети на другите делови на објектот ниту, пак, на конструктивните делови.
Од трговскиот центар додаваат дека околу отворањето на објектот, кое беше закажано за 5 август, одговор ќе треба да даде денешниот повторен и подетален увид.