„Јас овој предмет, овој настан и оваа голема трагедија ги водам од почеток, од моментот на увидот. Бев на самото место и за многу краток период собравме навистина многу голем доказен материјал, врз основа на кој се базира обвинението за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на обвинетиот“, рече обвинителката во изјава за медиумите
„Во поширока смисла во меѓународното право самоубиство поради семејно насилство се смета за фемицид“, рече адвокатката Неда Чаловска, која е правна застапничка на оштетените во предметот
Обвинителката Адела Бојчевиќ, која го застапува обвинителниот предлог против Стојанче Јовановски, на пауза од денешното прво рочиште за случајот во кој жртви беа неговата сопруга и нивната малолетна ќерка Катја, кои беа најдени мртви по пад од балкон, изјави дека исказот на обвинетиот не ги исполнува законските услови за признание на вина, што судот не го зел предвид поради што постапката продолжила со изведување докази.

Како што кажа Бојчевиќ во изјава за медиумите, признанието на вина, во согласност со Законот за кривичната постапка (ЗКП), треба да биде даден доброволно, јасно и без присила, за да може да се смета како такво и врз основа на него да се изрече пресуда.
Јовановски се товари за три кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Одговарајќи на прашања на Судот за тоа дали го разбира обвинението и како ќе се изјасни, обвинетиот кажа дека се чувствува виновен за првите две кривични дела, но не и за третото – дека ја навел сопругата да изврши самоубиство.
Кога одговараше на прашањето, Јовановски почна да плаче и да тврди дека тој не навел никого на самоубиство. Видно вознемирен, плачејќи тврдеше дека за тоа бил виновен Мартин Саздов, кој, според него, бил во блиска врска со Ивана. Рече дека Саздов му се заканувал да признае вина за сите три дела.
Дополнително тој потврди дека напишал молба до судот во која тврди дека на делата го натерал Мартин Саздов, наведувајќи дека тој го принудил да излезе од станот и да ги остави Ивана и ќерката сами внатре.
Поради овие наводи судот не го прифати признанието на вина на Јовановски и судењето продолжи со доказна постапка, односно со сослушување сведоци.
„Денешното признание на вина од страна на обвинетиот воопшто не е признание бидејќи, во согласност со Законот за кривичната постапка, во оваа постапка се знае како се дава такво признание. Треба да биде доброволно, јасно и без присила од никого. Поради тие причини, судијата не го зема предвид целосното признание, ниту го ценеше, и затоа продолживме со изведување докази“,
рече Бојчевиќ.
Бојчевиќ: Собравме голем доказен материјал
Обвинителката наведе дека предметот го води од почетокот, од увидот на самото место и дека обвинението се темели на, како што рече, обемен доказен материјал.
„Јас овој предмет, овој настан и оваа голема трагедија ги водам од почеток, од моментот на увидот. Бев на самото место и за многу краток период собравме навистина многу голем доказен материјал, врз основа на кој се базира обвинението за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на обвинетиот“,
додаде обвинителката.
Таа посочи дека го почитува начелото на презумција на невиност и дека товарот на докажување е на Обвинителството, при што посочи дека во постапката ќе бидат изведени голем број докази. Во однос на наводите за Мартин Саздов изнесени во судницата, таа изјави оти и тој е предложен како сведок и дека ќе биде повикан.
Во врска со денешната одбрана на обвинетиот, обвинителката изјави дека ја гледа како „чиста манипулација во насока да се избегне кривична одговорност“, но, како што рече, остава доказите да зборуваат сами за себе.

Законската застапничка на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, изјави дека во други држави не е невообичаено сторители на континуирано семејно насилство да бидат гонети и осудени во случаи кога жртвите извршиле самоубиство додавајќи дека очекува обвинението да биде прифатено во целост.
„Сакам да кажам дека во другите држави не е толку чудно жртви на континуирано семејно насилство, кои се самоубиле, а сторителите, односно нивните интимни партнери или нивните сопрузи, да бидат гонети и осудени конкретно за овие кривични дела. Така што очекуваме во целост да биде прифатено обвинението затоа што во поширока смисла во меѓународното право самоубиство поради семејно насилство се смета за фемицид“,
изјави адвокатката на оштетените, Неда Чаловска.
Како течеше првото рочиште
Инаку, на денешното рочиште беше сослушан само еден сведок. Мајката на Ивана Јовановска, Љубица Стојановска.
Во исцрпно сведочење, кое траеше околу три часа, одговарајќи на прашања на обвинителката Бојчевиќ, таа раскажа за неколку случаи кога нејзината ќерка била брутално психички и физички малтретирана од обвинетиот Јовановски.
Кажа оти се сомневала дека Ивана е физички малтретирана, но оти ќерка ѝ не сакала тоа да ѝ го признае.
„Се сомневав дека е малтретирана, но не ми признаваше, велеше – ќе биде во ред, мама. А јас во ниту еден момент не го прашав зет ми што, како, сметајќи дека тоа самите ќе си го решат. Дознав и од Катја. Велеше, ќе ти кажам само не кажувај ѝ на мама. Велеше, мама ќе клекне доле, а тато ја шутираше и ја удираше. Дури мојата Катја мала, шестгодишна, ги користеше зборовоте к**во, ку***ште, дрољо. Кога ја прашував зошто ги користи тие зборови, велеше дека така татко ѝ ја викал мајка ѝ“,
рече Стојановска.
Таа раскажа за случај од минатото лето кога Стојанче, Ивана и нивната ќерка Катја биле на свадба во Штип и на враќање ги натепал и ги оставил жена си и малолетната ќерка среде автопат оти Ивана на едно место погрешно му кажала каде треба да се сврти.
Од местото ги зел Мартин Саздов, за кој Стојанвоска рече дека била другар на нејзиниот зет, со кого заедно работеле. Прашана што мисли за Саздов, а во контекст на тврдењето на обвинетиот дека бил во врска со нејзината ќерка, сведокот кажа дека не знае за такво нешто и дека Саздов многу помогнал во некои од случаите, како конкретниот со настанот на враќање од Штип.
Од тој настан, кој се случил на почетокот на август, минатата година, Ивана отишла да живее кај нејзините родители, каде што останала до 19 декември, кога се вратила кај обвинетиот Јовановски.
И тогаш била физичка нападната од него, но, како што кажа, нејзината мајка за тоа дознала од медиумите.
„Беше нонстоп на телефон, Стојанче ја прашуваше каде е, таа одговараше дека e кај нас, нејзините родители. Кога требаше Катја да оди на роденден, Ивана ќе ме замолеше мене јас да ја носам внука ми, оти се плашеше од сопругот“,
сведочеше мајката на Ивана.
Одговарајќи на прашања на обвинителката, Стојановска раскажа кога Ивана била хоспитализирана во Ургентниот центар. Рече дека тоа било по 14 јануари, кога кршеле лепче со паричка.
Прашана дали кога правеле испитувања ѝ кажале од што се болките, лекарите им рекле дека се од удар.
„Од удар се прави хематом внатре, кој кога ќе почне да се разградува, може да има потреба од хируршка интервенција”,
рече Стојановска.
Мајката потоа раскажа како дознала дека Јовановски ја турнал Ивана по скали во болницата.

Во своето сведочење, Стојановска рече дека нејзиниот сопруг (таткото на Ивана) пред да почине, се посомневал дека неговиот зет користи дрога.
„Сметаше дека има чуден стаклест поглед и прашуваше дали користи нешто. Ивана велеше дека нема такво нешто“,
раскажа таа.
Потоа, како што кажа, од медиумите во декември, пред Нова година, дознала оти нејзиниот зет е приведен поради поседување дрога. Одговарајќи на прашања на обвинителката, Стојановска кажа дека Јовановски насилнички се однесувал и кон неговата мајка Цветанка и ја тепал.
„Ја тепал, и таа го пријавувала во полиција. Ја обвинувал дека е неморална“,
рече сведокот.
Таа раскажа и дека Ивана морала да даде отказ од едно од работните места зашто Јовановски тврдел дека имала љубовна врска со колега. Сведочеше и дека една вечер Катја заѕвонила на вратата од едни од соседите викајќи „Дојдете, тато ќе ја убие мама“.
Кога мајката на Ивана дошла во станот таа вечер, таму била и полицијата. Еден од полицајците ја распрашувал за Јовановски, а кога слушнал дека тој е пожарникар и дека едно време работел во Противпожарната станица во Автокоманда, каде што работел и неговиот татко, му се јавил на родителот за да го праша за Јовановски.
По телефонскиот разговор со татко си, ѝ се обратил на Стојановска велејќи:
„Од тоа што го слушнав за вашиот зет ми се крена косата на главата“,
Стојановска одговараше и на вкрстени прашања од обвинетиот Јовановски. Тој ја праша дали знае дека Ивана и Мартин Саздов биле во љубовна врска, на што сведокот кажа дека немала таков впечаток и оти Саздов бил само од помош.
Прашања од судијата
На крајот од денешното рочиште Стојановска одговараше на прашања на судијата Ивица Стефановски, која бараше од сведокот да ги појасни датумите кога се случиле сите тие напади за кои дознала.
Судијата ја праша и што се случило со станот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, односно чиј бил и на кого останал, бидејќи обвинетиот Јовановски како што го товари обвинението ја натерал сопругата Ивана да му препише една половина.
„Чиј беше станот во кој живееја Стојанче и Ивана?“,
праша судијата.
„Станот го уплатија на ново, го ставија на име на Ивана. Од пред две-три години Ивана ми кажа дека станот ќе биде пола на пола, рече не ми е важно за станот. Лани кога ангажиравме адвокат за бракоразводната парница после тепањето во Штип, тогаш Ивана сфати дека станот е целосно на сопругот“,
рече нејзината мајка во сведочењето.
Судскиот процес против Стојанче Јовановски се води за трагичниот настан од 2 март годинава кога неговата сопруга Ивана си го одзеде животот скокајќи од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.
Следното рочиште судијата Стефановски го закажа за 1 април, а наредното треба да биде веќе следниот ден, односно на 2 април.
