Инспекторатот за употреба на јазиците, во својата кратка историја на постоење и со само тројца лиценцирани инспектори, досега спровел 26 надзори.
„Унапредување на албанскиот јазик низ институциите има, не дека нема, но не е доволно. Институциите повеќе се повикуваат на тоа дека им недостасуваат преведувачи, но тоа не е оправдување. Тие мора да го почитуваат законот и да работат според законот и законските одредби“,
рече директорот на Инспекторатот, Фатмир Исени, во гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат.
Тој наведе и каде досега се извршени надзори.
„Од 26 инспекции, редовни биле 17, а вонредни 9, по иницијатива на граѓани. Опоменати се 10 институции, тоа се МОН, Министерство за земјоделство, МТСП, МЛС, ФПИОМ, Водовод и Канализација – Скопје, МИОА, Министерство за локална самоуправа, Министерство за правда, Управата за водење матични книги, Министерството за одбрана и Агенцијата за млади и спорт. Можам да кажам дека имаме институции кои го почитуваат Законот за употреба на јазиците дури 100%, како што се Министерството за политички систем, ДКСК… Тука имавме поплака од граѓаните, потоа инспекторите излегоа на терен, извршија надзор за поплаката на граѓаните за формулари, и ДКСК за два дена ги направија и на албански јазик. Потоа ДИК и Комисијата за хартии од вредност, исто така, се пример како се почитува Законот за употреба на јазиците“,
изјави Исени.
