Злото што го изврши ционистичкиот режим (Израел) пред две ноќи не треба ниту да се минимизира ниту да се преувеличува, кажа Хамнеи
Иранските власти треба да одредат како најдобро да му ја покажат моќта на Иран на Израел по нападот што се случи во петокот вечерта, порача врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, пишува Ројтерс повикувајќи се на иранската официјална новинска агенција ИРНА.
„Злото што го изврши ционистичкиот режим (Израел) пред две ноќи не треба ниту да се минимизира ниту да се преувеличува“,
кажа Хамнеи.

За време на израелскиот напад врз Иран, кој траеше пет часа, гаѓани биле 20 цели, а загинаа четворица војници.
Серија експлозии имаше во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека израелските напади врз неколку воени центри во земјата се флагрантно кршење на меѓународното право и рече дека Иран има право да се брани од агресија.
По нападите на Израел врз Иран, американскиот претседател Џо Бајден повика на деескалација, германскиот канцелар Олаф Шолц испрати порака до Иран да не возвраќа, а Европската унија повика на максимална воздржаност од сите завојувани страни на Блискиот Исток.