Пред неговото апсење за време на минатогодишните протести, тој беше приведуван и во 2021 бидејќи објавуваше песни и видеозаписи за корупција, сиромаштија и насилство, кои потоа станаа вирални меѓу демонстрантите
Познатиот ирански рапер Томај Салехи, кој лани ги поддржа антивладините протести, е осуден на затворска казна од шест години и три месеци, изјави неговата адвокатка Роза Етемад-Ансари.
Тој е прогласен за виновен за „корупција на Земјата“, но бил поштеден од егзекуција, изјавила адвокатката за весникот „Шарк“ откако изминатиот период имаше неколку случаи на досудени смртни казни поради поддршка на демонстрациите.
Иранските власти, како што јавува Би-би-си, засега не коментираат.
Популарниот рапер беше уапсен лани по избувнувањето на протестите предизвикани од смртта на девојката Махса Амини, која почина во притвор каде што заврши поради наводно несоодветно носење хиџаб.
Салехи беше обвинет и за „навреда на врховниот лидер“ и за „комуникација со непријателски влади“, но за овие дела, како што посочила адвокатката, бил ослободен.
Сепак, обвинението за „корупција на Земјата“ е едно од најтешките во земјата и за него може да се досуди и смртна казна. Тоа е едно од клучните дела што Исламската Република, како што пренесува Би-би-си, ги користела против неистомислениците.
Пресудата доаѓа откако раперот неколку месеци беше држен во самица во затворот „Дастгерд“ во централниот дел на Иран, а во текот на судскиот процес се одржаа низа затворени рочишта што беа критикувани од активистите за човекови права.
Пред неговото апсење за време на минатогодишните протести, тој беше приведуван и во 2021 бидејќи објавуваше песни и видеозаписи за корупција, сиромаштија и насилство, кои потоа станаа вирални меѓу демонстрантите.
На ланските протести во Иран излегоа дестици илјади млади Иранци, а во обидите за задушување на демонстрациите, според активистите, биле убиени стотици лица, а илјадници беа уапсени. Седум лица, пак, беа осудени на смртни казни и егзекутирани, а Обединетите нации нивните судења ги оценија како „произволни и лажни“.