Шефот на Централната команда на Иран, генерал-мајор Али Абдолахи, за државната телевизија изјави дека Теснецот е под целосна контрола на нивните вооружени сили и дека секој премин мора да биде координиран со Техеран
Иранската војска издаде предупредување дека ќе нападне американски воени сили што ќе се обидат да влезат во Ормускиот Теснец, по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за почеток на операција за ослободување на бродовите блокирани во Персискиот Залив, пренесува Си-ен-ен.

Шефот на Централната команда на Иран, генерал-мајор Али Абдолахи, за државната телевизија изјави дека Теснецот е под целосна контрола на нивните вооружени сили и дека секој премин мора да биде координиран со Техеран.
„Ние ја одржуваме и силно управуваме со безбедноста на Ормускиот Теснец со полна сила и им најавуваме на сите комерцијални бродови и танкери за нафта да се воздржат од каков било транзит без координација со вооружените сили стационирани во Теснецот, за да не биде загрозена нивната безбедност“,
рече Абдолахи.
Според него, Иран ќе ја нападне секоја странска вооружена сила, особено, како што додаде, агресивната американска армија, ако се обиде да влезе во овој стратешки воден пат.
Ова следи по најавата на Трамп дека САД од денеска ќе започнат операција за евакуација на стотици трговски бродови кои, според неговите тврдења, со недели се блокирани поради конфликтот во регионот. Иран потоа остро реагираше на ваквите најави, порачувајќи дека нема да се откаже од контролата врз Ормускиот Теснец. Државната агенција ИРНА го нарече обраќањето на Трамп дел од неговиот „делириум“.
Инаку, Трамп ја претстави операцијата како хуманитарен чин за земјите и екипажите заглавени во Персискиот Залив поради конфликтот со Иран, наведувајќи дека неутралните и невини држави се жртви на околностите.
Тој порача дека САД ќе ги водат бродовите безбедно низ ограничените води за да можат слободно да продолжат со работа. Воедно, испрати и предупредување до Техеран дека на секое попречување на мисијата ќе мора да се одговори со сила.
Меѓународната поморска организација проценува дека околу 20 000 морнари се засегнати од ситуацијата.
Според извештаите, тие со недели се соочуваат со недостиг од храна, вода и безбедносни услови.
Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека во поддршка на операцијата ќе бидат вклучени 15 000 американски војници, разурнувачи со водени ракети за придружба на трговските бродови, повеќе од 100 авиони стационирани на копно и море, како и мултидоменски беспилотни платформи за надзор и одбрана.
Состојбата во Ормускиот Теснец дополнително се заостри по извештаите дека еден танкер е погоден од непознати проектили, додека паралелно се споменуваат и ограничувања во поморскиот сообраќај во регионот.
