Според Трамп, САД ќе ги водат бродовите безбедно низ ограничените води за да можат слободно да продолжат со работа. Воедно, испрати и предупредување до Техеран дека на секое попречување на мисијата ќе мора да се одговори со сила
Соединетите Американски Држави (САД) денеска ќе започнат обемна воена операција наречена „Проект Слобода“ со цел деблокирање на Ормускиот Теснец, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.
Операцијата доаѓа по нови напади врз танкери во близина на Ормускиот Теснец, а Вашингтон наведува дека целта е да се овозможи безбедно движење на комерцијалните бродови низ еден од најважните светски енергетски коридори.
Веднаш по ова соопштение, Централната команда на американската армија (ЦЕНТКОМ) ги објави деталите за мисијата, која вклучува масовна воена поддршка со 15 000 војници, повеќе од 100 авиони, разурнувачи и беспилотни системи.
Мисијата има за цел обнова на слободата на навигација за трговскиот сообраќај низ Теснецот, низ кој вообичаено минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас.
Трамп: Хуманитарен чин за жртвите заглавени во Персискиот Залив
Трамп ја претстави операцијата како хуманитарен чин за земјите и екипажите заглавени во Персискиот Залив поради конфликтот со Иран, наведувајќи дека неутралните и невини држави се жртви на околностите.
Тој порача дека САД ќе ги водат бродовите безбедно низ ограничените води за да можат слободно да продолжат со работа. Воедно, испрати и предупредување до Техеран дека на секое попречување на мисијата ќе мора да се одговори со сила.
„Доколку овој хуманитарен процес биде попречен на кој било начин, на ова опструкција за жал ќе мора да се одговори со сила“,
напиша тој на Трут соушл.
ЦЕНТКОМ со детали на воената опрација
ЦЕНТКОМ соопшти дека во поддршка на операцијата ќе бидат вклучени 15 000 американски војници, разурнувачи со водени ракети за придружба на трговските бродови, повеќе од 100 авиони стационирани на копно и море, како и мултидоменски беспилотни платформи за надзор и одбрана.
Командантот на ЦЕНТКОМ, адмиралот Бред Купер, изјави дека операцијата е клучна за регионалната безбедност и глобалната економија.
„За целите на оваа операција беа ангажирани импресивни ресурси, како 15 000 воени лица кои директно ќе ја поддржат мисијата, разурнувачи со водени ракети за придружба на трговски бродови, повеќе од 100 авиони стационирани на копно и море, мулти-доменски беспилотни платформи (дронови) за надзор и одбрана“,
наведуваат од ЦЕНТКОМ.
Оваа воена акција се спроведува паралелно со поморската блокада на иранските пристаништа што САД ја одржуваат од 13 април годинава.
Најавата за „Проект Слобода“ следува по нови инциденти во регионот. Како што информира Ројтерс, танкер во Ормускиот Теснец е погоден од непознати проектили, додека стотици бродови и до 20 000 морнари остануваат блокирани во регионот поради конфликтот.
Екипажите, според извештаите, со недели се соочуваат со недостиг од храна, вода и безбедносни услови.
Иран остро реагираше на ваквите најави, порачувајќи дека нема да се откаже од контролата врз Ормускиот Теснец. Државната агенција ИРНА го нарече обраќањето на Трамп како дел од неговиот „делириум“.
Иранските власти предупредија дека секој обид за еднострано влегување во теснецот може да се смета за кршење на прекинот на огнот.
Во меѓувреме, дипломатските контакти меѓу Вашингтон и Техеран продолжуваат, но без јасен пробив.
