Израел вчера го обвини Иран за заплена на бродот во Црвеното Море соопштувајќи дека тоа е уште акт на ирански тероризам што претставува исчекор во иранската агресија против граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации за безбедноста на глобалните бродски рути
Иранските власти ја негираат вмешаноста во запленувањето на бродот на Црвеното Море, јавуваат британските медиуми.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани денеска ја негираше вмешаноста на неговата земја во запленувањето на бродот во Црвеното Море образложувајќи дека тврдењата на Израел имаат за цел да го одвлечат вниманието од „неповратниот пораз“ во борбата против милитантната група Хамас.
„Многупати кажавме дека има групи на отпорот во регионот, дека тие дејствуваат независно и спонтано врз основа на нивните интереси и интересите на својот народ,
рече Канани.
Израел вчера го обвини Иран за заплена на бродот во Црвеното Море соопштувајќи дека тоа е уште акт на ирански тероризам што претставува исчекор во иранската агресија против граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации за безбедноста на глобалните бродски рути.
Бродот што беше заземен од јеменските хути бил регистриран на британска компанија, додека во моментот на киднапирањето бил изнајмен од јапонска компанија.
Кабинетот на израелскиот премиер нагласи дека Израел нема никаква врска со сопственоста, работењето или составот на меѓународниот екипаж.
Хутите, како што се наведува, во сојуз со Техеран лансираат ракети во правец на Израел во знак на солидарност со палестинскиот Хамас во Појасот Газа, по заканата дека бродовите што пловат под израелско знаме ќе бидат цел на јеменските милитанти.