Гостин во емисијата „360 степени“ беше министерот за правда, Билен Саљији.
Теми на разговорот беа нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор и прашањето дали Европската Комисија има забелешки, до каде е истрагата за злоупотреби на АКМИС системот за распределба на судски предмети, како да се реши прашањето со политички монтираните случаи, како и изготвувањето на Закон за амнестија.
– Во Правилникот за работа на судовите, стриктно е одреден и начинот на функционирање на системот АКМИС. Верувам дека сите системи, особено електронските оставаат доволно траги за да констатираме евентуален прекршок или злоупотреба – рече Саљији.
Во однос на реформите во правосудниот систем, тој се повика на извештаите на експертската група на Рајнхард Прибе.
– Јас уште еднаш ќе се надоврзам на тврдењето на експертската група на Прибе кој во двата извештаи, и во 2015 година и сега во 2017 година кој се објави пред неколку дена констатира дека во Македонија нема систематски проблеми, законските регулативи во голема мера се во ред. Во Македонија постојат доволни капацитети за сето ова да го имплементираат и во пракса. Самата констатација на Прибе е дека ако овде евентуално се појавуваат проблеми, се појавуваат кај релативно мал дел судии кои се мисли дека наводно биле под политичко влијание – рече Саљији.
Напишете коментар