Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција рече дека МВР заедно со јавното обвинителство ја заврши првата фаза од постапувањето во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој одзеде 59 животи и оти досега се поднесени две кривични пријави против 34 физички лица и три правни лица за тешки дела против општата сигурност по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од Кривичниот законик, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од Казнениот законик
Во видеото погледнете ја целата прес-конференција на министерот за внатрешни работи одржана денеска пред Министерството за внатрешни работи во Скопје
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференцијата изрази благодарност до меѓународните партнери за поддршката и помошта која Македонија ја доби за повредените лица и рече дека Македонија мора да победи во битката со системската корупција која одзеде 59 млади животи. Тој кажа дека нема да има компромис со правдата и оти ќе го исполнат ветувањето за брза и ефикасна правда, но и праведна истрага.
Во однос на прашањето дали новиот директор на Државниот пазарен инспекторат постапувал и вршел инспекциски надзор, бидејќи не е во листата на осомничени како неговите претходници, министерот не одговори конкретно, но ги охрабри јавноста и новинарите да продолжат да постапуваат прашања и додаде дека институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата.
„Во изминатиот период од страна на јавноста беа отворани многу прашања коишто директно или индиректно се поврзани со предметниот кривично-правен настан. Добро е што јавноста е будна, добро е што јавноста поставува прашања, ве охрабрувам и понатаму да продолжите во истата насока, но институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата. Во оној момент кога ќе ги утврдиме сите потребни факти со предметниот кривично-правен настан соодветно и ќе постапиме, во однос на сите оние коишто имаат било каква, дали директна или индиректна поврзаност со предметниот кривично правен настан“,
рече министерот за внатрешни одговарајќи на прашањето.